BMW M4 Competition ја доби својата кабрио верзија

Откако минатата есен BMW ги претстави новите M3 и M4, на ред дојде и M4 Competition Convertible, верзијата „без покрив“ на популарната „четворка“

Иако кабриолетите полека ја губат својата популарност, BMW не се откажува во целост од истите. Доказ за тоа е и новиот BMW M4 Competition Convertible, кој воедно е и првиот модел со оваа ознака кој ќе биде достапен со погон на сите четири тркала. Високо перформансното кабрио се напојува со препознатливиот 3,0-литарски битурбо шестцилиндерски мотор кој испорачува 510 КС и 650 Nm максимален вртежен момент.

Агрегатот пристигнува во комбинација со осумстепен автоматски менувач и погон на сите четири тркала, со фокус на задните тркала, а системот испраќа моќност на предната оска само кога е потребно дополнително триење. Системот поседува 4WD, 4WD Sport и 2WD режими, а последниот нуди класично возачко искуство на задните тркала.

Благодарение на моќниот мотор и погонот на четири тркала, M4 Competition Convertible се „катапултира“ до „стотка“ за 3,7 секунди, додека максималната брзина е електронски ограничена на 250 километри на час. Како опција, истата може да се засили до 280 километри на час со M Driver’s пакетот. Моделот се одликува со „специјална подрамка на задната оска ригидно поврзана со каросеријата“, како и Active M диференцијал, Adaptive M систем на потпирање и M Compound сопирачки.

BMW M4 Competition

Кога станува збор за изгледот, секако најголемата вест е недостатокот на покрив, односно панел кој е заменет со платнен покрив. BMW наведува дека процесот на отворање и затворање на истиот е мошне краток и трае само 18 секунди. Притоа оваа операција може да се изврши во текот на возењето, се додека максималната брзина е 50 километри на час. Германската марка вели дека овој платнен покрив е за 40 проценти полесен од цврстиот кој го користеше претходниот M4 кабрио.

BMW M4 Competition

Остатокот до дизајнот во суштина не е менуван во однос на „обичното“ купе. На предниот дел доминираат големите „бубрези“ додека на задниот дел се наоѓа големиот дифузер. Предните тркала се со големина од 19, а задните со големина од 20 инчи. Промени нема ниту во внатрешноста, па така пред возачот се наоѓаат два екрани. Едниот е со големина од 12,3 инчи и е наменет за инструмент кластерот. Помалиот, пак, 10,25-инчен екран е наменет за инфозабавниот систем.

Како стандарден дел од опремата пристигнуваат кожните спортски седишта со греење и се одликуваат со осветлен беџ на потпирачот. Како опција, купувачите можат да го добијат својот M4 Competition Convertible со адаптивен темпомат, head-up екран и греење на управувачот.

BMW потврди дека M4 во кабрио изведба ќе влезе во производство во јули. Цената би требало да биде поголема за некои 4.000 евра во однос на купе варијантата.

Поврзани вести

Back to top button