fbpx

Освежениот BMW M5 официјално претставен

Освежената BMW Серија 5 имавме чест да ја запознеме кон крајот на мај, а сега официјално пристигнува и рестилизираниот BMW M5

По рестилизираната Серија 5, на ред дојде и M5. Очекувано, перформансниот модел пристигнува со променета решетка на ладилникот и рестилизирани предни светла со адаптивна LED технологија или BMW Laserlight. BMW M5 исто така е опремен со модифицирани браници и дифузор, како и задни светла со тродимензионален ефект. Покрај суптилните промени на надворешноста, BMW нуди пет нови бои за M5. Тоа ги вклучува Hatch Grey и Motegi Red Metallic, а достапни се и новите 20-инчни тркала кои ги има кај M8.

Кога станува збор за внатрешноста, возачите ќе се соочат со препознатлив кокпит со поголем 12,3-инчен инфозабавен систем. Истиот сега содржи Android Auto и cloud навигација. BMW M5 исто така има и нов тапацир во внатрешноста, како и унапредена централна конзола со две нови копчиња кои овозможуваат лесен пристап до поставките на автомобилот и M режимот. Притоа, не треба да се заборават и дигиталната инструмент табла и head-up екранот.

BMW M5 се напојува со 4,4-литарски twin-turbo V8 мотор кој испорачува 600 КС и 750 Nm максимален вртежен момент. Моќноста преку осумстепен автоматски менувач се испорачува на сите четири тркала кој има неколку M xDrive режими како 2WD, 4WD и 4WD Sport. Сето ова му овозможува на автомобилот да го достигне спринтот од нула од „стотка“ за 3,4 секунди.

Оние што сакаат нешто повеќе можат да го изберат M5 Competition кој има 617 КС и 750 Nm. Оваа верзија од нула до „стотка“ стигнува за 3,3 секунди. Сепак, без оглед на разликата во моќноста, двата модели се електронски ограничени на 250 километри на час. Но, опционалниот M Driver’s Package ја зголемува таа бројка на 305 километри на час.

Кога станува збор за перформансите, инженерите го ревидираа и системот на потпирање на M5 Competition. Од BMW ветуваат дека истиот „ќе ја подобри удобноста при возењето со голема брзина на автопат, како и преку испакнатините на патот“.

BMW M5

Инаку, треба да се напомене дека дел од M пакетот сочинуваат и aero body кит, спортски систем на потпирање, спортски издувен систем, алуминиумски тркала од 19 инчи (покрај опционите од 20 инчи кои ги напоменавме погоре), како и посилни сопирачки, а како опција ќе се нудат и карбон-керамички кочници. Во пакетот за M5 Competition влегуваат и црни предни бубрези, сјајни црни детали. црни M ретровизори. Потоа, спојлер на багажникот, модифициран издувен систем и систем на потпирање со кои автомобилот е 7 милиметри понизок, унапредено управување, нови алуминиумски тркала од 20 инчи и неколку нови детали во внатрешноста.

BMW M5

BMW M5 ќе се појави на пазарот во август. Цената во Германија стартува од 120.900 евра за M5 и 129.900 за M5 Competition.

Поврзани вести

Back to top button