fbpx

ТЕСТ BMW X4: Број помал од X6, полесен и подинамичен

Ова специфично остварување на баварскиот производител, за кое многумина беа со доза на скептицизам при неговото лансирање како и неговиот евентуален успех, неочекувано наиде на извонреден прием на пазарите на глобално ниво

Ова специфично остварување на баварскиот производител, за кое многумина беа со доза на скептицизам при неговото лансирање како и неговиот евентуален успех, неочекувано наиде на извонреден прием на пазарите на глобално ниво. Се карактеризира со спортски манири, поради врвните динамични способности и имплементирани технологии, а во внатрешноста тоа е практичен семеен кросовер кој нуди доволно простор. Иако поради линијата на покривот не изгледа така, во ентериерот на Х4 се седи комфорно, а има и доволно голем багажен простор.

Kога се појави BMW X6 предизвика вистински шок, посебно за фановите на класичните баварски изведби. Екстравагантниот, крајно луксузен и впечатлив SUV со купеовски линии беше навистина сосем нешто ново. Многумина новината ја прифатија со голема резервираност, со образложение дека на пазарот нема простор, па ни потреба за ваков автомобил. Но, по осум години и бројката на продадени единици, го тврди спротивното, односно дека ова не само што е потребен, туку и мошне посакуван SUV. Праксата покажа дека на пазарот му недостасувало нешто вакво, изведба која не се вклопува во вообичаените форми. За да работите кулминираат, спартанската идеја на BMW, беше прифатена и од најлутите конкуренти, особено во премиум сегментот, па денес има повеќе вакви изданија и модели.

Понесен од успехот на X6, BMW се реши и на нов чекор на истиот колосек, поточно понуди необичен концепт на возило во попристапна изведба, како според пропорциите, така и ценовно. Баварците на светот му подарија навистина уште една креација во овој стил, моделот Х4. Не, не е тајна дека кросоверската купеовска изведба во целост ги имитира линиите на X6, кој за разлика од својот поголем брат, кој ја користи архитектурата од X5, надграден е на платформата на моделот X3. Точно така, по рецептот на успешниот X6, спортскиот дериват на баварскиот засега најголем SUV, моделот X5, направен е за 20 cm пократок и 10 cm потесен – BMW X4. Односно, неговите вистински димензии се 4.670 mm должина, ширина 1.880 и 1.620 mm височина. Ова е модел кој всушност и според димензиите и сите други особини се вбројува во SAV (Sports Activity Vehicle) сегментот.

Дизајнерските стручњаци имаат различни поставки кога е ова остварување во прашање. Некои сметаат дека поради покомпактните димензии Х4 останува не толку приметен во однос на „шестката“, но пак други го тврдат спротивното. Токму тука се крие шармот и атрактивноста и го поткрева андреналинот кај оние кои посакуваат токму вакви креации. Предницата е скроена во склад со корпоративниот дизајн на компанијата наметната кај кросоверските изданија со би- ксенон предни светла и четири светлечки прстени и карактеристичните „бубрези“ меѓу нив. Доле се приметуваат магленките со LED технологија и сето тоа го комплетираат големите всмукувачи за воздух. Бочните линии се она што му даваат признак на моделот, односно купеовски засечениот дел кај С-носачот. Позади доминира светлосната група, повисокиот браник и издувот.

BMW X4 е со спортски манири, но во внатрешноста тоа е практичен семеен кросовер кој нуди доволно простор. Иако поради линијата на покривот не изгледа така, Во внатрешноста на Х4 се седи комфорно, а има и доволно голем багажен простор. Но, да тргнеме по ред, на возачкото седиште имадоволно место и е во склад на архитектурата на BMW на која сме навикнале. Лесно е да се дојде до оптималната позиција и она што особено не изненадува е и покрај ваквата линија на покривот одличната прегледност. Можеби малку таа не е изразена во задниот дел, но затоа е тука задната камера, која е несомнено повеќе од потребна за ваквите изведби.

Ергономијата и квалитетот се на материјалите на очекуваното највисоко рамнниште. Во рамките на М-спортскот пакет во тестниот модел ние имавме комбинација на ткаенина и кожа Pearlpoint Anthracite/ Black. Инструментите прегледни и функционални, BMW-овски и во склад со совремнените трендови, висок сјај, лак и пластика со т.н. ефект на „кора од портокал“. Седиштата исто така дел од нивото на спортскиот пакет и одлично подесиви, во однос на удобноста и држење на телото со лумбален регулатор. Назад патниците имаат доволно место и за нозете, а не пречи ниската линија на покривот за без проблеми својата глава да ја сместат и оние повисоките, иако влегувањето овде е малку незгодно. На претставувањето на BMW X4 беше посебно апострофирано дека токму тука е тајната на баварските стручњаци, кои направиле да во Х4 има повеќе место за главите на патниците позади во однос на Х6 од првата генерација, па остануваме на тоа дека нема забелешки на надворешната естетика.

Дволитарскиот турбодизелски мотор звучи како скромен избор, но неговите перформанси го тврдат спротивното, дури и кај близу 1,8 тони тешкиот Х4. Со 190 КС и 400 Nm, со одличниот одзив на потисокот на гас, Х4 и со овој основен мотор станува мошне способен и изненадувачки брз и динамичен автомобил и тоа на сите видови подлога. Долгите патувања со умерено темпо ќе бидат наградени и со мошне скромна потрошувачка, нешто над 6,0 литри на 100 изминати километри, но динамичното управување по планисни патеки, чуствително го крева тој просек, но и натаму во прифатливи граници. На крајот секако не треба да заборавиме дека иако станува збор за дизел, тој е буквално нечуен во кабината и при поголеми брзини и вртежи, бидејќи звучната изолација е на ниво на задачата. Се разбира своја заслуга за ова има и врвниот осумстепен автоматски менувач, кој нуди неколку начини на работа, меѓу другото и мануелно менување на степените на пренос. Новата генерација на автоматската трансмисија како оваа Steptronic на BMW е навистина на чекор до совршенството, како што знаат да кажат – „путер менува“!

Погонот на сите четири тркала го прави Х4 вистински кросовер, во што можевме во целост да се увериме. И овде xDrive погонот не е само замислен како помошен, туку и дополнителен сигурносен елемент за брзо и комфорно управување. Од голема корист е и при теренските предизвици, иако тоа не му е примарна намена. Она што е во преден план е секојдневното беспрекорно управување, без никакви потешкотии, во склад со еден од режимите на работа на менувачот и погонот: Sport+, Sport, Comfort и EcoPro.

Поради сите овие поединости солидните возни својства не можат да изостанат. Напротив нам ни е направен посебен акцент, односно Х4 има возни својства кои задоволуваат широк размер на стилови и потребни вредности при управувањето. Се разбира распоредот на тежината и тежиштето не е на рамниште како кај баварските беспрекорни лимузини, но и овде е пронајден потребниот баланс, па изненадува минималното лулање на изведбата и високо ниво на контрола и при нагли промени на правецот. Погонот е регулиран да повеќе моќ и за момент пренесува на задните тркала, па кога ќе се навикнете на пропорциите и возачката позиција, X4 се претвора во модел за одлична забава, чиј задник посакува да „легне“ во свиоците. За ова треба да му се заблагодари на DTC системот за контрола на стабилноста, која може степено да се регулира. За сè да биде во ред тука се новините во потпирањето, како и изборот на гумите.

Едноставно со овој модел BMW цели на пробрани клиенти од сегментот на компактни крсовери, каде навистина нема премногу конкуренција и каде купувачите не прават проблеми да платат за нешто екстра. Негови конкуренти се Porsche Macan и Range Rover Evoque, па секому нека му е јасно каков ценовен ранг треба да очекува ?!

Технички податоци за BMW X4 xDrive 20d:

мотор Euro VI, дизел, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.995 cm3
пречник и од 84,0 x 90,0mm
степен на компресија 16,5:1
напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, common rail директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
максимална моќ 190 KС (140 kW) при 4.000 min-1
макс. вртежен момент 400 Nm при 1.750-2.500 min-1
трансмисија на сите четири тркала x-Drive преку 8-степен автоматски менувач Steptronic
потпирање напред Мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад мултилинк, спирални пружини, телескопски амортизери
сопирачки напред и назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
пневматици 225/60 R19  Double-spoke style 622 M
каросерија SAV со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.671 x 1.881 x 1.624 mm
меѓуоскино растојание 2.810 mm
траги (напред/назад) 1.616/1.632 mm
тежина 1.745 kg
максимална тежина 2.335 kg
багажник 500 dm3
резервоар 67 литри
максимална брзина 212 km/h
забрзување 0-100 km/h 8,0 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек) 5,0/5,8/5,2 l/100 km
емисија на CO2 138 g/km

 

Поврзани вести

Back to top button