Bodo e ексклузивен GT модел од Brabus со V12 мотор базиран на Vanquish

Brabus Bodo е нов ексклузивен GT модел со 986 КС, twin-turbo V12 мотор, карбонска каросерија, максимална брзина од 360 km/h и цена од еден милион евра!

Германскиот тјунер и производител Brabus официјално го претстави својот нов ексклузивен модел наречен Bodo – ултралуксузен Gran Turismo автомобил создаден во чест на основачот Бодо Бушман. Станува збор за еден од најекстремните GT автомобили на денешницата, кој комбинира рачно изработена карбонска каросерија, V12 мотор со речиси 1.000 коњски сили и ограничено производство од само 77 примероци.

Новитетот беше премиерно прикажан на престижниот FuoriConcorso во Италија, а од Brabus признаваат дека идејата за ваков автомобил ја развивале речиси две децении. Иако моделот очигледно има одредени генетски врски со Aston Martin Vanquish, Brabus создаде целосно уникатен автомобил со сопствен идентитет.

Brabus Bodo

Агресивен дизајн инспириран од суперавтомобили

Brabus Bodo веднаш привлекува внимание со екстремно агресивниот преден дел, каде што може да се забележат елементи инспирирани од Vision Mercedes-Maybach 6 и Ford Mustang RTR. Масивната решетка, големите отвори за воздух и LED Matrix светлата му даваат драматичен и препознатлив изглед.

Целата каросерија е изработена од карбонски влакна, а долгата хауба и ниската линија на покривот дополнително го нагласуваат GT карактерот. Автомобилот добива и фиксeн панорамски стаклен покрив, како и 21-инчни тркала со специјално развиени Continental SportContact 7 Force гуми.

На задниот дел доминираат двојно поставените издувни цевки и активниот спојлер кој автоматски се подига при силно сопирање и функционира како воздушна сопирачка.

Поголем и поексклузивен од Vanquish

Brabus Bodo е значително поголем од Aston Martin Vanquish. Моделот е долг 5.062 mm, широк 2.027 mm и висок само 1.305 mm, што му дава впечатлива појава и исклучително ниска силуета.

Иако димензиите се импресивни, тежината е задржана на релативно ниски 1.774 килограми благодарение на алуминиумската монокок конструкција и употребата на карбон.

Луксузен ентериер со препознатлив Brabus потпис

Во внатрешноста, Bodo нуди конфигурација 2+2 и кабина која комбинира луксуз, спортски карактер и рачна изработка. Дел од елементите потсетуваат на Aston Martin, но Brabus извршил сериозни промени со нова инструмент табла, кружни отвори за вентилација и специјален управувач со карбонски детали и „B“ амблем.

Кабината е обложена со врвна кожа и карбонски елементи, додека Shadow Gray акцентите додаваат дополнителна ексклузивност. Спортските седишта се ергономски обликувани за максимална удобност и поддршка при динамично возење, а на потпирачите е извезена силуетата на самиот автомобил.

V12 мотор со 986 коњски сили

Под долгата хауба се крие 5.2-литарски twin-turbo V12 мотор кој развива неверојатни 986 коњски сили и 1.200 Nm вртежен момент. Тоа е значително повеќе од стандардниот Vanquish, кој располага со 824 КС.

Силата се пренесува преку осумстепен автоматски менувач, а перформансите се на ниво на хиперавтомобил. Brabus Bodo забрзува од 0 до 100 km/h за само 3 секунди, додека до 300 km/h стигнува за 23,9 секунди. Максималната брзина изнесува импресивни 360 km/h.

Напредна шасија и технологија

За врвна динамика на возење, Brabus користи double wishbone предна суспензија и мултилинк задна оска развиена во соработка со KW Automotive. Автомобилот располага и со front lift систем кој го подига предниот дел за дополнителни 25 mm, со цел полесно совладување на нерамнини и лежечки полицајци.

Системот за сопирање користи карбон-керамички дискови со димензии од 410 mm напред и 360 mm назад, додека распределбата на тежината од 50.2:49.8 обезбедува оптимална стабилност.

Brabus Bodo

Brabus Bodo доаѓа и со комплетен пакет асистенти за возење, вклучувајќи автоматско сопирање во итни случаи, систем за одржување лента, мониторинг на мртов агол и препознавање сообраќајни знаци.

Цена од еден милион евра и дигитален пасош

Ексклузивноста има и соодветна цена. Brabus Bodo стартува од 1 милион евра, а секој купувач добива специјален сет клучеви и патна торба изработена од истата кожа како ентериерот на автомобилот.

Интересен детал е и „дигиталниот пасош“ базиран на blockchain технологија, кој содржи официјална документација за автентичноста, сопствеништвото и спецификациите на возилото.

Со Bodo, Brabus не претставува само уште еден моќен GT модел, туку автомобил кој има амбиција да стане колекционерска икона и симбол на екстремниот германски автомобилски инженеринг.

Поврзани вести

Back to top button