Brabus Bodo Cabriolet: кабриолет од 1 милиони евра со 986 КС

Brabus Bodo Cabriolet дебитира со 986 КС, V12 мотор, максимална брзина од 360 km/h и активен заден спојлер што служи како воздушна сопирачка

Brabus ја претстави кабриолетската верзија на ексклузивниот Bodo, модел базиран на Aston Martin Vanquish, кој пристигнува со уште поатрактивен изглед, моќен V12 мотор и цена што надминува 1,2 милиони долари (1,07 милиони евра). Производството ќе биде ограничено на само 77 примероци, исто како и кај купе верзијата.

Brabus Bodo Cabriolet

Карбонска каросерија и активен заден спојлер

Brabus Bodo Cabriolet дебитираше за време на Monterey Car Week, а неговата каросерија е изработена од висококвалитетни претходно обработени карбонски влакна, произведени во сопствените погони на германскиот тјунер.

Во однос на купето, најголемата разлика е платнениот покрив кој може да се отвори или затвори за само 15 секунди. Надворешниот дизајн е целосно уникатен и речиси ништо не открива дека основата е Aston Martin Vanquish. Напред доминира масивна решетка со вертикални летви, големи отвори за воздух и специјално дизајнирани светла.

Задниот дел носи уште повеќе ексклузивни детали. Електронски контролираниот карбонски спојлер не само што создава дополнителен притисок кон подлогата, туку при силно сопирање над 140 km/h се подигнува и функционира како воздушна сопирачка. Светлосната група со десетици LED елементи потсетува на Aston Martin Vulcan, додека впечатокот го заокружуваат двојните издувни цевки и 22-инчните тркала со Pirelli P Zero пневматици.

Моќен V12 со 986 коњски сили

Под долгата хауба се наоѓа модифицираниот 5,2-литарски twin-turbo V12 мотор, кој развива 986 КС и 1.200 Nm максимален вртежен момент. Силата се испраќа кон задните тркала преку осумстепен автоматски менувач.

Перформансите се на ниво на најбрзите суперавтомобили. Забрзувањето од 0 до 100 km/h трае само 3 секунди, до 200 km/h стигнува за 8,5 секунди, додека 300 km/h достигнува за 23,9 секунди. Максималната брзина е електронски ограничена на 360 km/h, идентична како кај купе изведбата.

Brabus Bodo Cabriolet

Луксузен ентериер и две ексклузивни комбинации

Brabus го претстави Bodo Cabriolet во две различни конфигурации. Првата е во црна боја со црн мек покрив и ентериер обложен со Saddle Brown кожа, додека втората е изведена во впечатливата нијанса Silk Stone, со двобоен покрив и ентериер во иста боја.

Во кабината се задржани дел од елементите на Aston Martin, но тие се дополнително унапредени со врвни материјали и препознатливата Brabus изработка.

Цена повисока од купето

Цената на Brabus Bodo Cabriolet во Европа започнува од 1.077.000 евра (околу 1,24 милиони американски долари), што го прави 77.000 евра поскап од купе верзијата. Со производство ограничено на само 77 автомобили, овој модел е наменет за најексклузивниот дел од пазарот, каде што уникатноста и врвните перформанси имаат предност пред цената.

Поврзани вести

Back to top button