Brabus го претстави најновиот Rocket со 900 КС

Brabus Rocket е вистинска „ѕверка“ која е адекватен додаток во веќе славната Rocket линија која Brabus ја создава во различни форми уште од 2006 година

Новиот Brabus Rocket 900 е базиран врз Mercedes-AMG GT 63 S 4Matic+ и пристигнува со стандардниот 4,0-литарски битурбо V8 мотор кој е надограден на 4,5 литри. Brabus вгради два нови турбополначи со поголем компресор и поголем максимален притисок за предоптоварување. Поради дополнителниот вртежен момент потребно е подобро ладење кое е решено со карбонски всисувачи поставени лево и десно од маската на ладилникот.

Резултатот од овие модификации е зголемување на моќноста на моторот за цели 285 КС и 150 Nm вртежен момент, така што сега се испорачуваат вкупно 900 КС и 1.050 Nm максимален вртежен момент. Благодарение на оваа дополнителна моќност, автомобилот од нула до „стотка“ стигнува за 2,8 секунди, до 200 километри на час за 9,7 секунди, а до 300 км/ч за 23,9 секунди. Brabus мораше да ја ограничи максималната брзина на 330 километри на час поради тежината на автомобилот и заштита на гумите.

Познатата тјунерска компанија вгради и издувен систем од нерѓосувачки челик, а подготви и нов body kit со агресивен изглед и карбонски детали. Сега, Brabus Rocket е поширок за 78 милиметри во однос на стандардната верзија, а има и подобра аеродинамика.

Brabus Rocket доби и 21-инчни предни и 22-инчни задни Brabus тркала и карбонски сопирачки. Исто така, автомобилот е поинзок во однос на стандардниот модел за 25 милиметри благодарение на системот за потпирање на Brabus со Comfort и Sport режими.

Brabus Rocket

Компанијата Brabus ќе преправи само 10 примероци од Mercedes-AMG GT63 во Rocket со наведените спецификации. Секој од нив ќе има и променета внатрешност. Бојата на каросеријата е Stealth сива или црна, а во внатрешноста се наоѓа црна кожа и Алкантара, како и сив декоративен конец. Внатрешноста содржи 215 делови во боја на каросеријата, како и детали од нерѓосувачки челик и карбон.

Секако, Brabus Rocket воопшто нема да биде евтино задоволство, бидејќи секој примерок ќе чини 435.800 евра.

Поврзани вести

Back to top button