Bugatti Bolide е тркачка хипер „ѕверка“

Bugatti го претстави моделот Bolide, екстремен хиперавтомобил наменет за тркачките патеки со неверојатен соодност на тежина и моќност

Најпрво мора да се напомене дека Bugatti Bolide е експериментална студија, барем засега. Производителот го разви како вежба со цел да види како едно радикално лесно возило изградено околу легендарниот 8,0-литарски W16 мотор би изгледало. Според зборовите на извршниот директор на Bugatti, Стефан Винкелман, „Bolide има само четири тркала, мотор, менувач, управувач и, единствениот луксуз, две седишта“.

Замислен како ултимативен Bugatti перформансен автомобил, Bolide го комбинира W16 погонот на Chiron со минималистичка каросерија за максимален аеродинамичен потисок.

Во оваа форма, високо модифицираниот W16 мотор испорачува 1.850 КС и подеднакво импресивни 1.850 Nm максимален вртежен момтн. Клучен фактор во Bolide игра неговата тежина од само 1.240 килограми, поради што перформансите се речиси на ниво со Formula 1 болид.

За да го направи Bolide толку лесен, Bugatti искористи титаниумски штрафови, 3D печатени функционални компоненти од аеровселенска титаниумска легура, керамички сопирачки и прекривки и секако изобилство на карбон за монокок шасијата и останатите компоненти. Опишан како „најекстремниот, бескомпромисен, најбрз и најлесен автомобилски концепт во поновата историја на компанијата“, Bugatti Bolide е теоретски способен да достигне максимална брзина од вртоглави 500 километри на час.

Bugatti Bolide

Луди перформанси

Според симулациите на Bugatti, Bolide до „стотка“ стигнува за 2,17 секунди, до 200 км/ч за 4,36 секунди, до 300 км/ч за 7,36 секунди, до 400 км/ч за 12,08 секунди и до 500 км/ч за 20,16 секунди! Освен тоа, Bolide може да достигне максимално латерално забрзување од 2,8 G. Од Bugatti исто така наведуваат дека на нивниот модел му се потребни само 3:07.1 минута за да комплетира еден круг на Circuit de la Sarthe во Ле Ман и 5:23.1 минута за да го обиколи Nurburgring Nordschleife.

Треба да се истакне дека Bolide би можел да биде нешто повеќе од обичен експеримент, со оглед на тоа дека Bugatti откри дека е изработен според безбедносните барања на FIA.

Од Bugatti истакнуваат дека се уште не донеле конечна одлука за тоа дали Вolide ќе влезе во фаза на ограничено сериско производство. Сепак, со оглед на трудот кој е вложен во овој прототип, не е исклучено овој автомобил наскоро да се најде и во продажба.

Поврзани вести

Back to top button