Bugatti го одложува развојот на втор, поевтин модел во гамата

Францускиот производител на луксузни хиперавтомобили Bugatti засега нема зелено светло од Volkswagen групацијата за развој на уште еден модел покрај Chiron

Bugatti е приморан да ги одложи своите одлуки и планови за развој на втор продукциски модел. Приоритетот ќе биде ставен на штедењето барем до крајот на оваа година. Bugatti во моментов во својата понуда има само еден модел, а тоа е Chiron. Во портфолиото на француската компанија стои дека имаат повеќе автомобили во гамата, но тие возила се само различни варијанти на моделот Chiron.

Bugatti Chiron забележа голем успех на пазарот. Француската марка е особено горда на фактот дека овој хиперавтомобил ќе донесе најмалку 1,25 милијарди евра приходи во касата. Со тоа, Chiron ќе се покаже како попрофитабилен од некогашниот Veyron. Успехот не помина незабележано, а шефот на марката побара дозвола од Volkswagen групацијата за почеток на развој на нов, втор модел на Bugatti. Одлуката засега е одложена поради комплицираните економски односи.

Претседателот на Bugatti, Стефан Винкелман, верува дека препознатливоста на имиџот и брендот на неговата компанија ќе помогнат за лансирање на друг модел. Истиот треба да биде попрактичен и подостапен од Chiron кој чини 2,5 милиони евра. Сепак, Винкелман исто така верува дека дури и најбогатите клиенти можеби не би биле подготвени да потрошат големи суми на пари за хиперавтомобил во времиња како овие.

„Со оглед на околностите, мораме да ја одложиме оваа работа. Со оглед на економските услови, нашиот приоритет е ставен на ликвидноста“, изјави Винкелман. Извршниот директор на Bugatti исто така истакна дека приоритет останува Chiron/Divo, бидејќи со неговата испорака се носи голема сума на пари која во моментов е неопходна за целата VW групација.

Првиот човек на компанијата, во ноември минатата година истакна дека потенцијалниот втор модел ќе биде електричен GT или кросовер. Автомобилот ќе има простор за четири лица, а цената ќе биде помеѓу 500.000 и 1.000.000 евра. Сепак, нема да станува збор за класичен SUV, или седан.

„Нема да влеземе во SUV сегментот, сакаме нешто поинакво. Но, автомобилот нема да биде ниту седан“, велат извори од компанијата.

Поврзани вести

Back to top button