fbpx

Bugatti го претстави финалниот изглед на La Voiture Noire

Bugatti ја покажа „продукциската“ изведба на својот уникатен и единечен хиперавтомобил La Voiture Noire

Со претставувањето на Rolls-Royce Boat Tail, Bugatti La Voiture Noire го загуби приматот на најскап нов автомобил, но тоа не значи дека единечниот хиперавтомобил од Молсхајм не е подеднакво импресивен, особено сега кога е претставена конечната изведба на моделот. Според информациите, среќниот купувач за ова автомобилско ремек-дело издвоил 11 милиони евра.

Bugatti La Voiture Noire

Црниот автомобил е модерна интерпертација на загубениот Type 57 SC Atlantic на Жан Бугати и биле потребни две години за да се развие. Инженерите на Bugatti вложиле 65.000 часови за да ја финализираат уникатната креација базирана на Chiron, кој има целосно специјална каросерија направена по мерка и продолжено меѓуосовинско растојание, додека на задниот дел и понатаму доминираат шесте завршетоци од издувниот систем.

Сега новото меѓуосовинско растојание е 250 милиметри подолго во однос на „обичниот“ Chiron, a вкупната должина е зголемена за 450 милиметри. Единечниот Bugatti La Voiture Noire добива специјална каросерија со видливи карбонски површини и прекривка која е позната како црн сјаен карбон. Од Bugatti велат дека новиот специјален финиш „не генерира виртуелни рефлексии, туку изобилие на тензија и драма“.

Низа промени во однос на стандардниот Chiron

На предниот дел се истакнуваат фаровите, со повеќе од 25 индивидуално преплетени елементи во секој кластер. Bugatti признава дека за ова им било потребно навистина многу време дури и за еден ваков единечен проект како La Voiture Noire. Предната решетка е 3D испечатена, додека ултра широката LED лента на задниот дел е единечно парче и опкружувач без спојки, што е прв ваков елемент за Bugatti.

Фотографии од ентериерот не се објавени, но познато е дека тапацирот е од кожа финиширан во Havana Brown. На централната конзола се наоѓаат елементи од полиран алуминиум.

Bugatti објаснува дека La Voiture Noire е повеќе од само „обичен“ Chiron со нова обвивка бидејќи освен продолженото меѓуосовинско растојание, направени се и некои други модфикации. Имено, La Voiture Noire има поинакво разладување и нови тркала, додека карактерот на автомобилот наликува на grand tourer.

Покрај ова, брендот од Молсхајм најави дека ќе претстави нов автомобил подоцна во текот на 2021 година, но се уште не открива официјални информации за што станува збор.

Поврзани вести

Back to top button