fbpx

Chrysler ја најави својата ЕВ иднина со Airflow концептот

Компанијата Chrysler го покажа својот Airflow концепт на годинешното издание на CES со што ја најави електричната иднина на брендот

Chrysler Airflow концептот ја најавува судбината на американскиот премиум бренд од групацијата Stellantis, кој ќе го претстави својот прв електричен модел во 2025 година пред да стане целосно електричен бренд до 2028. Airflow веројатно е предвидување за сериски модел, но во најмала рака, ја прикажува иднината на Chrysler за електричниот погон и возачка асистенција од трето ниво.

Моделот е базиран на новата целосно електрична архитектура на Stellantis која носи нови технологии кои најверојатно ќе бидат интегрирани во продукциските модели. Погонот е сочинет од два електромотори, по еден на секоја оска и секој од нив произведува по 204 КС и нуди погон на сите четири тркала. Chrysler вели дека платформата е компатибилна со помоќни електромотори со што се најавуваат високоперформансни верзии.

Производителот не откри детали за батеријата и капацитетот, но најави опсег на движење меѓу 563 и 644 километри за концептиот автомобил, заедно со способност за брзо полнење, веројатно 800-волтна технологија.

Chrysler Airflow

Впечатлив дизајн

Кога станува збор за дизајнот, Airflow делува идентично како концептот кој беше прикажан на EV Day Event на Stellantis минатиот јули. Се карактеризира со аеродинамична силуета, опаѓачка покривна линија, 22-инчни тркала и извајана форма.

На предниот дел, Chrysler логото е осветлено поврзувајќи ја тенката решетка со LED фаровите, додека браникот има чист дизајн со мали отвори во кои се инкорпорирани дневните светла. На задниот дел се наоѓаат кристалните LED светла, задниот спојлер делува како екстензија на црниот покрив, додека задниот браник има голем дифузер и спортски отвори.

Chrysler Airflow од 30-тите години беше пионер кога станува за аеродинамиката, но новиот Airflow концепт се истакнува од аспект на конективноста, вештачката интелигенција и автономното возење. STLA Brain е електронска и софтверска архитектура која е способна за over-the-air унапредувања, со што се возилото се подобрува со текот на времето.

Врвна технологија

Сите четири патници имаат пристап до технологијата преку STLA SmartCockpit кој вклучува три екрани на контролната табла и два дополнителни екрани зад предните седишта. Секој екран може да биде персонализиран и има интегрирана камера овозможувајќи им на патниците да учествуваат во групни видео конференции додека се возат. Системот интегрира апликации базирани на вештачка интелигенција како што се навигацијата, гласовната асистенција и услуги за плаќање. Chrysler ја опишува технолгијата како „екстензија на дигиталната, работната и домашната околина, сето тоа во синхорнизација да се креира персонализирано искуство за секој патник“.

Концептот исто така е опремен со STLA AutoDrive системот кој е способен за автономно возење од трето ниво и ќе може да се надоградува. Неодамна, Stellantis најави партнерство со BMW за автономна возачка технологија.

Седиштата се обложени во мека кожа направена по природен пат, додека патосниците и тапацирот се направени од рециклирани материјали. Chrysler има намера да произведува возила со чист производствен процес, користејќи материјали кои можат да се рециклираат со цел да креира профил на еколошки бренд.

Сосема извесно е дека Airflow концептот ќе се претвори во првиот продукциски ЕВ на компанијата кој треба да пристигне во 2025 година. До 2028 брендот ќе има целосно електричен опсег на возила, што би требало да го врати брендот на самиот врв, пред се на американскиот пазар.

Поврзани вести

Back to top button