fbpx

Citroen C5 Aircross доби освежен изглед за 2022

C5 Aircross SUV моделот на Citroen доби свое освежување на средина од животниот век со цел да остане конкурентен во својата класа

Со помодерен изглед во однос на својот претходник, освежениот C5 Aircross пристигнува со нов преден дел кој е радикално променет во однос на моделот во заминување. Промените се веднаш забележливи со оглед на тоа дека освежениот Citroen C5 Aircross добива помала и помодерна решетка, која се одликува со осветлени шипки кои изгледаат како LED ленти и се претопуваат во новите фарови. Покрај тоа, тука е и обновеното лого на Citroen и поделените дневни светла.

Меѓу останатите промени на предницата се и редизајнираниот браник кој создава илузија на пошироко возило, со помош на поголемиот долен довод за воздух. Вертикалните воздушни отвори на страните ги заменуваат квадратните делови на претходниот модел и имаат функционална улога со зголемување на протокот на воздух за подобра аеродинамика.

Визуелните промени се помалку евидентни на задниот дел каде што задните светла ја имаат истата големина. Сепак, сега тие пристигнуваат со нешто поинакви куќишта поради подобра аеродинамика, како и нова LED графика зад затемнетото стакло. Промените на екстериерот завршуваат со новите 18-инчни тркала и сјајно црните капачиња за ретровизорите, како и мат црните шини на покривот.

Citroen C5 Aircross

Промени и во кабината

Листата на промени и унапредувања продолжува и во ентериерот каде централната конзола е редизајнирана со цел да се смести самостојниот екран од инфозабавниот систем. Екранот повеќе не е опкружен со отворените за воздух бидејќи тие се поставени пониско за да се направи простор за 10-инчниот дисплеј. Тука остануваат посебните контроли за поставките на клима-уредот, додека претходно големиот менувач е заменет со мал прекинувач.

Citroen C5 Aircross

Со фејслифтот, Citroen C5 Aircross добива и нов селектор за возачки режим со кој се бира помеѓу Hybrid, Electric и Sport, заедно со втор USB порт и дополнителен простор за складирање. Уште поважна новина се опциите за греење и масажа на предните седишта, како и дополнителни 15 милиметри пена за поголем комфорт. Унапредениот кросовер ќе се нуди со опции за Алкантара и перфорирана кожа за тапацирот.

Освежениот Citroen C5 Aircross ќе се најде во продажба во Европа кон почетокот на летото.

Поврзани вести

Back to top button