Dacia ќе го претстави електричниот концепт во Женева

Од Dacia официјално потврдија дека на годинешниот Саем за автомобили во Женева ќе го претстават концептот за својот иден електричен автомобил

Од Романската компанија Dacia засега не открија никакви детали, a наспроти трендот не се објавени ниту тизер фотографии, туку само е соопштено дека станува збор за најава на нивниот иден сериски електричен модел. Овој модел се очекува во текот на 2021 или 2022 година, а според информациите, тоа ќе биде 100 проценти електрично возило кое ќе биде достапно за сите според неговата цена.

Тоа значи дека електричниот автомобил на Dacia ќе биде поевтин од електричните возила од групацијата Volkswagen како што се Volkswagen e-up!, Seat Mii Electric и Škoda Citigo e iV.

Dacia речиси со сигурност ќе биде сепак само нова верзија на веќе постоечко електрично возило од групацијата Renault, а можно е тоа да биде нивна варијанта на електричниот Renault K-ZE кој се произведува и се пордава единствено во Кина. Ако тоа се оствари, европската верзија на тој модел сепак ќе биде дотерана со поголема автонимија и дополнителни безбедносни системи, а со самото тоа и поскапа од кинеската верзија, но и понатаму ценовно подостапна во однос на други електрични автомобили кои во моментов се пласирани на европскиот пазар.

Останува да се почека премиерата на Саемот во Женева која е закажана за 3 март, кога ќе бидат познати и повеќе детали за идното електрично возило на Dacia.

Клучни зборови

Поврзани вести

Back to top button
Close