Dacia ќе докажува дека караваните се уште имаат иднина со Striker
Dacia Striker пристигнува како нов кросовер караван поставен над Jogger, со CMF-B платформа и бензински, LPG и хибридни мотори

Романскиот производител Dacia се подготвува за проширување на својата моделска понуда со нов автомобил наречен Dacia Striker, кој официјално ќе биде претставен на 10 март. Иако тизерот открива само дел од дизајнот, јасно е дека станува збор за робустен кросовер-караван во компактниот сегмент, позициониран над моделот Dacia Jogger.
Со новиот Striker, Dacia сака да покаже дека практичните каравани сè уште имаат своја публика, особено кога се комбинирани со SUV елементи и пристапна цена – стратегија која брендот успешно ја применува со моделите Dacia Duster и Dacia Bigster.

Име инспирирано од спортот
Според компанијата, името Striker има корени во 1980-тите години и се однесува на „силата и прецизноста“ на ударот во куглање. Воедно, завршетокот „ER“ се вклопува во новата номенклатура на Dacia, која веќе ја користат моделите Jogger, Duster и Bigster.
Производителот истакнува дека името е лесно за изговор и има „силна фонетика“, но и дека добро ја опишува робусноста и мултифункционалниот карактер на новиот модел, кој треба да биде идеален партнер за патувања и секојдневни авантури.

Дизајн со SUV карактер
Тизер фотографиите откриваат аголни LED задни светла, кои потсетуваат на концептот Skoda Vision O. На задната врата јасно се гледа натписот Striker, при што Dacia останува верна на својата пристапна филозофија користејќи налепници наместо класичен амблем.
Каросеријата има нагласени заштитни пластични облоги во црна боја, кои создаваат контраст со светлосината каросерија и дополнително го нагласуваат кросовер карактерот. Од краткиот поглед на предниот дел може да се забележи и затворена маска со голем натпис Dacia.
Практичен ентериер со рециклирани материјали
Внатрешноста на Striker ќе се фокусира на практичност и издржливост – клучни карактеристики за купувачите во овој сегмент. Кабината најверојатно ќе користи рециклирани материјали кои се евтини за производство, но и лесни за одржување.
Се очекува голем багажен простор и можност за користење на модуларните Dacia YouClip додатоци. Дополнително, моделот најверојатно ќе биде компатибилен и со кампинг додатоците што веќе се достапни за Jogger, Duster и Bigster.

Мотори познати од другите модели на Dacia
Новата Dacia Striker ќе биде поставена на CMF-B архитектурата на алијансата Renault–Nissan–Mitsubishi Alliance, која веќе се користи кај поголемиот дел од моделите на Dacia, со исклучок на електричниот Dacia Spring.
Во понудата се очекуваат бензински, LPG, mild-hybrid и full-hybrid погонски единици – истите што ги користат Duster и Bigster. Повеќето верзии ќе имаат погон на предните тркала, но можно е Dacia да понуди и верзија со погон на сите тркала за купувачите кои сакаат поголема теренска способност.
Производство во Турција
Според последните информации, производството на Striker ќе се одвива во Турција, додека фабриката на Dacia во Романија ќе се фокусира на производството на SUV моделите.
До официјалната премиера на 10 март се очекуваат уште неколку тизери, кои постепено ќе откриваат повеќе детали за новиот модел што има амбиција да стане практична и достапна алтернатива на популарните каравани како Skoda Octavia Combi.
Доколку се остварат најавите, Striker би можел да стане уште еден силен адут во стратегијата на Dacia за практични, робусни и достапни автомобили.









