fbpx

Dacia потврди дека електричниот Spring ќе пристигне следната година

Dacia кон почетокот на март го прикажа концептуалното издание на својот електричен модел, а сега пристигна и официјална потврда дека ќе биде достапен на пазарот од 2021 година

Надлежните лица во романската компанија и понатаму тврдат дека нивниот електричен автомобил ќе биде најевтиниот во овој сегмент во Европа, а што точно тоа значи останува да почекаме и да видиме. Сепак, се очекува цената на електричниот Dacia Spring да се движи некаде од 15 до 18 илјади евра.

За потсетување, електричниот модел на Dacia е всушност „препакуван“ Renault K-ZE, електричен автомобил кој е наменет за кинескиот пазар. Но, со оглед на строгите норми од ЕУ кои се однесуваат на флотната емисија на штетни гасови кои влијаат на сите производители, се очекуваше Renault да посегне кон ваква тактика со романскиот бренд.

Иако називот на концептуалното возило е Spring Electric, Dacia се уште не го откри официјалниот назив за сериската варијанта на овој електричен модел. Од романската компанија остануваат таинствени и за останатите информации, но она што е познато е дека автомобилот ќе има автономија поголема од 200 километри.

Се очекува спецификациите да бидат слични, ако не и исти, со оние кои ги нуди Renault K-ZE. Францускиот електричен SUV кој е наменет за кинескиот пазар располага со батерија со капацитет од 26,8 kWh, додека електромоторот му нуди на возачот на располагање скромни 45 КС. Можно е моделот на Dacia да понуди нешто поголема моќност, бидејќи споменатите 45 КС се навистина мали за условите во Европа и она што го нудат останатите конкуренти.

Поврзани вести

Back to top button