fbpx

Давидовски дел од европскиот TCR шампионат

Во прекрасна атмосфера во кафе-барот Trend во Аеродром, пред голем број гости, Виктор Давидовски нашиот прекален автомобилски ас, го претстави својот тим и автомобилот со кој ќе биде дел од годинашнава серија од европскиот TCR шампионат

Како што беше апострофирано, македонскиот тим – PSS Racing Team, на првата приватна станица за технички преглед и регистрација на моторни возила кај нас, ќе биде составен од добри познавачи и стручњаци од мото-спортот. Иако ова е прво учество на Виктор Давидовски и неговиот тим во TCR шампионат, зад себе ќе има одлична поддршка, што се однесува од технички аспект. Инаку, Виктор е долго време на патеките, како на домашната, така и на меѓународната автомобилска сцена, каде настапувал на близу 20 сезони.

ПСС TCR шампионат
Од 1998 до 2010 година настапуваше во шампионатите на Македонија на кружни и ридски патеки, а потоа беше дел од во шампионатот на Србија на кружни патеки во најмногубројната класа – Хибрид. Минатата година Давидовски го освои 10-тиот шампионски пехар во својата кариерата, па овој успех заедно со успешната трка на издржливост, на познатата F1-писта СПА Франкоршамп, во рамките на 24h TCE Serie, го навестија и неговиот следен чекор. По бројните успеси, Давидовски го прифати новиот предизвик, па во црвено-белите бои на PSS Racing Team ќе управува со Honda Civic Type R TCR, една од само 25-те единици во светот, подготвена за оваа цел од миланското студио Ј.А.С.

ПСС TCR шампионат

Како што е познато од декември 2017, спортските автомобилски трки TCR добија нова димензија – Europe TCR Series, кои ќе се одржуваат под закрилата на FIA, Eurosport Events Ltd (EEL) и WSC Ltd. За европскиот TCR шампионат се планирани 26 позиции, а една од нив е резервирана за Виктор Давидовски и PSS Racing Team. Веќе се познати и датумите на трките за оваа сезона, која стартува со трката на 5-6 мај на патеката Circuit Paul Ricard Le Castellet во Франција. По неа следи трката на 20-21 мај на Circuit Zandvoort во Холандија. Во периодот јуни-октомври се закажани по една трка месечно, и тоа на 9-10 јуни на патеката Circuit de Spa-Francorchamps во Белгија, на 7-8 јули на Hungaroring во Унгарија, на 18-19 август на TT Circuit Assen во Холандија, на 22-23 септември на Autodromo di Monza во Италија и на 20-21 октомври на Circuit de Barcelona Catalunya во Шпанија. Имајќи предвид дека зад европската TCR серија стои медиумскиот спортски гигант Eurosport Events, настапите на Давидовски ќе бидат пренесувани на преку 50 мрежи ширум светот.

На крајот треба да истакнеме дека за да го гледаме Виктор Давидовски, како ги брани боите во овој спорт во Македонија, голема заслуга имаат ПСС, Седа Брокер и Агенција за Млади и Спорт.

Поврзани вести

Back to top button