fbpx

Aston Martin ја претстави DB5 Junior електричната „играчка“

Британската компанија Aston Martin ја претстави веројатно најкул детската количка која некогаш е направена - DB5 Junior

Aston Martin и The Little Car Company со заедничката соработка го претставија DB5 Junior, кој претставува електрична смалена верзија на најлегендарниот спортски автомобил на британскиот бренд. Базирана на 3D скенирана референца на оригиналниот DB5, Junior верзијата нуди комплетна точност и автентичност.

Оваа електрична „играчка“ има должина од околу 3 метри, а е широка 1,1 метри. Aston Martin DB5 Junior е дизајниран да може да собере едно возрасно лице заедно со едно дете истовремено. Благодарение на алуминиумската шасија и композитната каросерија, тежината на возилото е релативно ниска со само 270 килограми.

Возилото се напојува со електромотор кој испорачува 6,8 КС на задните тркала. Тоа е доволно за максимална брзина од 48 километри на час. За овој проект, фокусот е ставен да се добие апсолутна автентичност, а за таа цел, DB5 Juniоr ги содржи сите детали како и оригиналниот модел. Тука е и легендарната Silver Birch боја, функционалните предни светла, стоп светлата, индикаторите и свирката. DB5 Junior има и багажник на задната страна. Сјајниот екстериер одлично контрира со целосно црниот кожен ентериер.

DB5 Junior

Исто како и „постариот брат“, DB5 Juniоr има централна конзола со функционални Smiths инструменти кои се унапредени за модерните времиња. Покажувачот за гориво е конвертиран во мерач за батеријата, додека инструментот за температура на маслото сега ја прикажува температурата на моторот.

Батеријата на малиот Aston Martin овозможува автономија на движење од 16 до 32 километри, зависно од стилот на возење. Исто така, може да се додаде и втора батерија, а секоја од нив може да се замени за само неколку секунди.

Aston Martin подготви и DB5 Vantage Junior модел кој доаѓа со двојно поголема моќност од 14 КС. Оваа верзија има лесна карбонска каросерија и втора батерија за автономија од 32 до 64 километри, додека максималната брзина останува неоткриена.

Исто како и оригиналниот DB5, ќе бидат произведени само 1.059 Junior модели, секој со цена од 30.000 фунти. Цената на DB5 Vantage Junior, пак, ќе изнесува 45.000 фунти. Производството ќе започне во Велика Британија во 2021 година. Испораките ќе започнат во следните две години.

Поврзани вести

Back to top button