fbpx

Диего Марадона и неговото мистериозно црно Ferrari

Легендарниот фудбалер Диего Армандо Марадона почина на 25 ноември и го напушти овој свет, а зад него остануваат митовите, како онoј за неговото црно Ferrari

Диего Армандо Марадона беше обожуван во целиот свет, неговата смрт предизвика огромна тага во светот на фудбалот и спортот, но во секојдневието, особено во родната Аргентина и во Неапол каде беше вистинско божество. Зад него остануваат сведоштвата за сите достигнувања кои ги оствари во текот на својата играчка кариера, но и интересни анегдоти поврзани со неговиот живот, како и автомобилите кои ги имаше во својата гаража. Една од таквите анегдоти е и за неговото црно Ferrari, за кое постојат различни теории.

Ferrari Марадона

По освоената титула на Светското првенство, тој решил да се почасти и од својот менаџер Гиљермо Копола побарал да му „среди“ да добие црно Ferrari. Најпрво треба да се напомене дека во тој период Ferrari моделите доаѓале исклучиво во Corse црвена боја. Но, Марадона сакал да биде поинаков од останатите и инсистирал да добие црн Ferrari Testarossa.

Ова било незапаметен услов за Ferrari кој со години инсистираше на црвена боја на своите автомобили. Морал да интервенира и претседателот на Наполи Корадо Ферлаино, а на крајот  целата операција чинела двојно повеќе од 430.000 долари колку што вредел автомобилот, бидејќи Марадона по црната боја барал и други додатоци.

„Автомобилот вредеше 430.000 долари, но потрошив двојно повеќе пари и морав да додадам уште 130.000 долари за да се офарба во црно. Диего бараше и радио и му реков дека во овој автомобил тоа го нема, бидејќи е тркачки автомобил. Му реков дека нема клима уред, ништо, но тој само ладно ми одговори: ‘Па, нека стават’“, открива поранешниот претседател на Наполи, но таа желба не му била исполнета.

Денеска трагата на овој автомобил со ентериер обложен во бела кожа и поминати само 20.200 километри, е изгубена. Последен сопственик бил шпански колекционер кој во 2014 година го продал за 250.000 евра, а денес цената сигурно би била неколкукратно поголема.

Ferrari Марадона

Мистеријата со F40

Втората верзија е дека неговиот поранешен агент Гиљермо Копола и поранешниот претседател на Наполи, Корадо Ферлаино му договориле Ferrari F40 кој чинел 500.000 долари и се произведувал во ограничена количина. Копола одел насекаде и барал дали има црн F40, дури и чукнал на вратата на Енцо Ферари.

Бидејќи барал директно за Марадона, Копола успеал да договори црн Ferrari F40 да го чека фудбалерот на аеродромот во Неапол при неговото враќање од одмор во Аргентина. Автомобилот го финансирал тогашниот претседател на Наполи и тоа го чинело двојно повеќе, речиси милион долари. Но, Марадона не бил задоволен бидејќи возилото нема касетофон и тапацир во внатрешноста од вратите. Марадона го одбил подарокот од Ферлаино, па Копола морал самиот да најде луѓе кои ќе инсталираат касетофон и тапацир на вратите.

На крајот, приказната со црното Ferrari на Марадона станува прилично збунувачка, бидејќи временските интервали се мешаат во сведоштвата на Копола, но и некои други детали. Така, се доведува до сомневање дека Марадона всушност имал едно црно Ferrari, кое сепак било специјално направено за него, додека подоцна добил и F40, но во црвена боја. Сепак, ниту ова не кореспондира со реалноста, бидејќи Ferrari Testarossa веќе имал среден ентериер, онаков каков што Марадона сакал, додека F40 имал едноставен, „тркачки“ ентериер, како што може да се забележи на фотографиите со Марадона. Но, неговата желба за персонализација на возилото веројатно донесе до најголемата мистерија.

 

Поврзани вести

Back to top button