Дизелот останува во игра: Stellantis го менува курсот
Stellantis го менува курсот и ги задржува дизел моторите во модели како Peugeot 308, Opel Astra и Alfa Romeo Tonale. И покрај падот на продажбата во Европа, дизелот останува важен избор за возачите со голема километража, а тоа носи позитивни сигнали и за пазарот на половни автомобили

Иако изминатите години беа во знакот на електрификацијата, дизел моторите сепак нема да исчезнат толку брзо од европскиот пазар. Одлуката на Европската унија да ги ублажи дел од строгите еколошки стандарди за моторите со внатрешно согорување отвори простор за неочекуван пресврт – враќање на дизел агрегатите во понудата на одредени производители.
Токму вториот најголем производител на автомобили во Европа, групацијата Stellantis, реши да го ревидира својот план за целосна електрификација и повторно да им даде шанса на дизел моторите.
Од 100% електрификација до „по барање на купувачите“
Stellantis првично планираше до 2030 година 100% од продажбата во Европа да биде со електричен погон, а околу 50% во САД. Но слабата продажба на електрични возила, силната конкуренција од европските и кинеските брендови и реалните пазарни услови доведоа до преиспитување на стратегијата.
Според информациите, одлуката за задржување и враќање на дизел моторите е донесена „по барање на купувачите“. Така, Peugeot 308 го задржува познатиот 1.5-литарски дизел, иако планот бил истиот да биде повлечен по 2025 година. Истата судбина ја има и DS N°4.
Дизелот се враќа и кај Opel, Alfa Romeo и комерцијалните модели
Покрај Peugeot, дизел агрегатот повторно ќе се нуди и кај Opel Astra, кој технички е блиску поврзан со 308. Во комерцијалниот сегмент, моделите Opel Combo, Citroën Berlingo и Peugeot Rifter остануваат достапни со дизел мотор.
Во повисоките сегменти, дизелот ќе продолжи да се нуди и кај DS 7, Alfa Romeo Tonale, како и кај Alfa Romeo Stelvio и Alfa Romeo Giulia.
Има ли логика дизелот во 2026?
Пред една деценија дизел автомобилите сочинуваа околу 50% од продажбата во Европа. По скандалот со емисиите во 2015 година и заострените регулативи, сегментот драстично опадна. Според податоците на ACEA, во 2025 година се продадени околу еден милион дизел возила – значително помалку од хибридите и електричните автомобили.
Сепак, интересот не е целосно исчезнат. За возачите кои минуваат големи дневни километражи, дизелот останува најпрактично решение поради ниската потрошувачка, големиот досег со едно полнење на резервоарот и пониската набавна цена во споредба со plug-in хибридите и електричните модели.
Дополнително, инфраструктурата за полнење електрични возила сè уште не е на посакуваното ниво, а кинеските и јапонските производители воопшто не нудат дизел мотори, што им остава простор на европските брендови практично без директна конкуренција во овој сегмент.
За домашниот пазар, оваа одлука може да има позитивни последици. Поголемата понуда на нови дизел модели во Европа значи и подобра достапност и стабилни цени на половните возила во наредните години.
Сепак, иднината на дизел моторите ќе зависи од воведувањето на стандардот Euro 7, кој за актуелните модели стапува на сила кон крајот на ноември 2027 година. До тогаш, дизелот очигледно останува дел од европската автомобилска сцена, барем уште некое време.



