fbpx

DS Automobiles официјално го претстави целосно новиот DS 9

PSA групацијата и официјално го претстави новиот модел на брендот DS Automobiles, а станува збор за луксузен седан кој пристигнува под ознаката DS 9

Досега единствениот седан во глобалната гама на француската престижна марка DS беше моделот со средна величина DS 5LS, дизајниран за кинескиот пазар. Меѓутоа, сега за Саемот на автомобили во Женева, PSA групацијата ја подготви долгоочекуваната голема лимузина со четири врати DS 9. Овој модел ќе биде понуден на европскиот и кинескиот пазар.

Може да се забележи дека новитетот на DS Automobiles во дизајнерска смисла доста наликува со кинеската верзија на Peugeot 508 L, што беше познато уште претходно, но во DS направиле мали измени на задниот и предниот дел. Но, она што секако е добро, тоа е дека благодарение на дизајнот на надворешноста на овој седан, DS 9 никако не може да биде заменет со модел од некоја друга марка.

DS 9

Тука се LED предните светлосни групации кои ги краси можноста за работа во повеќе режими (зависно од брзината на движење и од тоа дали е ден или ноќ, односно количината на природна светлост), а потоа и деталот со вертикалните светлечки „лузни“, рачки за отворање на вратите кои по употребата се вовлекуваат во каросеријата, како и дополнителни странични светла на задните столбови. Последната ставка може да се поврзе и со оригиналниот, класичниот Citroen DS, иако во дизајнерска смисла, нема ништо сродно со она што може да се види на новајлијата.

DS 9 е новиот адут во премиум класата

Во внатрешноста, DS 9 поседува речиси идентични виртуелни „справи“ како на другите DS модели и екран чувствителен на допир од инфозабавниот систем со величина од 12 инчи преку кој се управува со речиси сите секундарни функции, вклучително и клима-уредот. Копчето за стартување на моторот е сместен меѓу централните вентилациски отвори и под хронометарот кој пристигнува од познатиот бренд BRM. Ентериерот на ексклузивниот седан го краси различниот избор на скапоцена кожа, а во понудата се наоѓаат и повеќе нивоа на луксуз. Се издвојува верзијата Performance Line која се одликува со внатрешност од Алкантара, со голем број детали со нагласена спортска линија.

DS 9

Местата на задната клупа се термички подобрени, вентилирани, а поседуваат и вграден уред за масажа. За целосно уживање на патниците ќе се погрижи премиум музичкиот уред Focal Electra, кој звуците ги емитува преку систем од четиринаесет звучници.

DS 9 поседува меѓуосовинско растојание од 2.895 милиметри, вкупна должина на ниво од 4.930 милиметри, додека широк е 1.850 милиметри. Како и да е, DS 9 е поставен на модуларната платформа EMP2, која е темел и за голем број големокаросериски модели на француската групација. Заедничко на сите споменати автомобили е тоа што поседуваат трансферзално поставен мотор, што имплицира преден погон.

Нов хибриден систем E-Tense

Основната верзија на DS 9 доаѓа со турбо бензински PureTech 1,6-литарски мотор кој развива 225 КС и работи во комбинација со осумстепен автоматски менувач. Сепак, како дополнителна „премија“ во понудата на мотори е plug-in хибридот кој користи идентичен мотор со внатрешно согорување, а ќе пристигне во неколку различни верзии. Воведната варијанта користи електромотор кој испорачува 110 КС со 320 Nm со осумстепен автоматски менувач, а благодарение на тракционата батерија со капацитет од 11,9 kWh се нуди електрична автономија во распон од 40 до 50 километри. Подоцна се очекува и верзија со ознаката DS 9 E-Tense, чија моќ ќе биде на ниво од 250 КС. Покрај овие опции, најсилната варијанта на купувачите ќе им понуди 360 КС, и за разлика од базичниот хибрид, погон на сите четири тркала, благодарение на тоа што електромоторот е поставен на задната осовина.

Сите хибридни верзии во првите секунди по тргнувањето, користат само електричен мотор. Без работа на класичниот мотор, големиот француски седан може да достигне до брзина од 135 километри на час. Достапен е и режим на возење E-Save со кој енергијата депонирана во батеријата ќе биде сочувана со цел да биде употребена во зони каде не е дозволена употреба на конвенционален мотор.

Високо ниво на безбедност

DS 9 усвои систем на активно потпирање. Цврстината на амортизерите е електронски контролирана на проактивен начин, а на темел на записите кои ги сочинуваат предните камери. Исто така, вграден е и систем за ноќно следење благодарение на примената на камера со инфра-црвени зраци, а која се крие во решетката од ладилникот. Покрај тоа, таа има функција во контекст на адаптивниот темпомат и помош при одржување на правецот во сообраќајна лента, што е систем кој работи до брзина на движење на возилото од 180 километри на час. Поседува и можност за автономно функционирање во сообраќајни метежи.

DS 9 ќе биде лансиран и произведен во Кина, од каде ќе биде пласиран на сите пазари на кои настапува марката DS. Почетокот на продажбата во најнаселената земја на светот е закажан за втората половина од 2020 година, додека на европскиот пазар луксузната лимузина ќе пристигне нешто подоцна.

Поврзани вести

Back to top button