Ducati на EICMA: Пет нови модели, три SP изданија и најава за нов ендуро

Ducati на EICMA 2026 ја претстави гамата за 2027 со нови модели, специјални SP изданија, унапреден Diavel V4 и премиера на Desmo250 EDS

Ducati го искористи овогодинешниот EICMA 2026 во Милано за да ја претстави својата најголема моделска офанзива во пресрет на 2027 година. Италијанскиот производител премиерно откри пет нови модели, три ексклузивни SP изданија, нови специјални бои за дел од постојната понуда и првпат го прикажа новиот Desmo250 EDS, со кој дополнително ја проширува својата понуда на теренски мотоцикли. Настапот добива уште поголемо значење бидејќи Ducati годинава одбележува 100 години постоење, што беше прославено и со специјална изложба посветена на најзначајните моменти од историјата на брендот. Екипата на Авто Плус беше присутна на саемот со поддршка на Ducati Македонија и одблиску имавме шанса да се запознаеме со новитетите на италијанската марка и од лице место да ги споделиме впечатоците.

Ducati EICMA

Diavel V4 станува уште поспортски и добива нова S верзија

Еден од најважните новитети е новиот Diavel V4 MY27, кој продолжува да ја развива препознатливата „Muscle Roadster“ филозофија. Дизајнот е инспириран од Diavel V4 RS, со поагресивен преден дел, нови отвори за воздух, редизајниран заден дел за едно седиште и нови тркала.

Најголемата промена е враќањето на верзијата Diavel V4 S, која за првпат е достапна во V4 ерата. Таа располага со Öhlins SmartEC-3 полуактивна електронска суспензија, литиум-јонска батерија, загреани рачки и дополнителни детали што ја издвојуваат од стандардниот модел.

Мотоциклот останува верен на 1.158-кубниот V4 Granturismo мотор со 168 КС, но Ducati воведе нов електронски систем за управување со моторот кој обезбедува помазен одзив при ниски и средни вртежи. Новитети се и Quick Shift 2.0 системот, како и новиот 6,9-инчен TFT екран со интегрирана навигација.

DesertX Rally е подготвен за најтешките терени

За љубителите на авантуристичките патувања Ducati го претстави новиот DesertX Rally MY27, развиен врз основа на искуството стекнато во рели натпреварите и екстремните офроуд услови.

Новата генерација добива 890-кубен Ducati V2 мотор со 110 КС и 92 Nm, нова монокок рамка и Full Floater задна суспензија, решение преземено директно од светот на натпреварувањето.

Професионалната KYB суспензија со долг од, натпреварувачката предна вилушка со Kashima Coating и DLC третман, како и целосно прилагодливиот заден амортизер со Öhlins управувачки амортизер, овозможуваат поголема стабилност, контрола и прецизност на најпредизвикувачките терени. Новите Takasago Excel тркала без внатрешни гуми дополнително ја подобруваат издржливоста и управливоста надвор од асфалтот.

Ducati EICMA

Три ексклузивни SP модели за патека

Посебно внимание привлекоа и трите нови SP модели, наменети за возачи кои бараат максимални перформанси и технологија инспирирана од MotoGP и WorldSBK.

Panigale V4 SP е најекстремната верзија на Ducati Superbike, опремена со карбонски тркала, STM EVO-SBK сува спојка, тркачки менувач, Öhlins Smart EC 3.0 суспензија и подобрена аеродинамика со поголеми крилца и Corner Sidepods. За погонот е задолжен 218-коњскиот Desmosedici Stradale мотор.

Ducati EICMA

Panigale V2 SP е развиен како хомологација за Светскиот Supersport шампионат, комбинирајќи 120-коњски Ducati V2 мотор со променливо отворање на вентилите, Öhlins суспензија, подолга нишалка, полесни ковани тркала и сува спојка.

На врвот на Streetfighter понудата се позиционира новиот Streetfighter V4 SP. Освен препознатливата „Winter Test“ графика, моделот добива карбонски тркала, тркачка трансмисија, STM EVO-SBK сува спојка, најновата генерација електронска Öhlins суспензија и Brembo MCS главна сопирачка пумпа. За погонот се грижи 214-коњскиот Desmosedici Stradale агрегат.

Ducati EICMA

 

Нови бои и проширување на офроуд гамата

Покрај новите модели, Ducati ја освежи и постојната понуда. XDiavel V4 добива нова Black Edition изведба, Scrambler Full Throttle Heritage инспирација црпи од тркачките мотоцикли од 70-тите години, додека Multistrada V2 Sport добива графика инспирирана од Pikes Peak.

Hypermotard гамата се проширува со новите 698 Mono RVE и V2 RVE верзии, кои носат нови графички решенија и побогата сериска опрема.

Воедно, Ducati ја претстави и првата најава за Desmo250 EDS, нов ендуро модел кој ќе пристигне во европските салони во текот на летото 2027 година. Со него италијанскиот производител дополнително ја зацврстува својата офроуд стратегија, започната со Desmo450 EDS.

Ducati EICMA

Стогодишнината во знакот на историјата

Покрај моделските премиери, Ducati на EICMA организираше и специјална изложба по повод 100-годишнината од постоењето. Имено, отворен беше музеј на Ducati на самиот саем на кој присуствуваа директорот на EICMA, директорот на Ducati и претседателот на EICMA кои ја имаа честа и да ја пресечат лентата и свечено да го отворат музејот.

Посетителите имаат можност да видат 100 најзначајни моменти од историјата на брендот, легендарни тркачки мотоцикли, историски модели од музејот на Ducati, како и ексклузивни лимитирани изданија кои ја одбележаа еволуцијата на производителот од Борго Панигале во изминатиот век.

Поврзани вести

Back to top button