fbpx

„Духот на екстазата“ на Rolls-Royce слави 110 години постоење

Еден од најпознатите автомобилски амблеми, заедно со трикраката ѕвезда на Mercedes и дивата мачка на Jaguar, „Духот на екстазата“ на Rolls-Royce го слави својот 110-ти роденден

Украсите на хаубата на автомобилите некако по традиција се резервирани за оние автомобили од највисоката класа. „Духот на екстазата“, или „Летечката дама“ како што ја нарекуваат преку Атлантикот, повеќе од еден век ја краси хаубата на Rolls-Royce. Станува збор за една од најпознатите маскоти на еден автомобил, позната по тоа што гарантира престиж и висок статус на сопственикот. Овој орнамент, кој го краси предниот дел на секој автомобил изграден во фабриката Goodwood на луксузниот британски бренд, за прв пат бил регистриран како интелектуална сопственост на Rolls-Royce на 6 февруари 1911 година.

Rolls Royce

Дизајнот на „Духот на екстазата“ (Spirit of ecstasy) останал ист во текот на годините, но кога првите автомобили на британската компанија се појавиле на патиштата, украсот бил огромен, дури 18 сантиметри. Денеска, овој предмет на престиж и луксуз, кој е сокриен во специјално куќиште вградено во хаубата се додека не се стартува моторот, е голем „само“ 9,5 сантиметри.

Поставен на секој Rolls-Royce автомобил како стандарден дел од опремата од 1920 година, „Духот на екстазата“, може да биде направен од различни материјали, вклучително и замрзнат кристал или 24-каратно злато, поради што некои примероци можат да чинат речиси како целосно нов мал автомобил.

„Како амблем, ‘Духот на екстазата’ претставува нешто многу повеќе од нашата компанија и нашите автомобилски производи. За нашите купувачи, таа е потентен симбол, инстантно и универзално препознатлив кога станува збор за успехот, достигнувањата и статусот. Во нејзината убавина, едноставност, елеганција и реткост, таа содржи се што нашите купувачи бараат и го наоѓаат во својот Rolls-Royce автомобил“, изјави извршниот директор на компанијата, Торстен Милер Отвос.

„Духот на екстазата“ е инспириран од бронзена статуа направена од скулпторот и илустратор Чарлс Сајкс. Наречена „шепкачот“, статуетката била креирана за еден негов работодавец, Лордот Монтагу од Бјули, автомобилистички пионер и еден од првите сопственици на Rolls-Royce автомобили.

Поврзани вести

Back to top button