fbpx

Ioniq 5 пристигна во салонот на Hyundai

Новиот знаменосец во понудата на Hyundai, целосно електричниот Ioniq 5, сега пристигна и на македонскиот пазар и истиот е изложен во продажниот салон на Ми-Да Моторс

По светската премиера минатата година, целосно електричниот знаменосец на Hyundai, моделот Ioniq 5 пристигна во Македонија. Моделот кој неодамна беше прогласен за Светски автомобил на годината, е изложен во продажниот салон на Hyundai во Скопје, а нашата редакција имаше можност одблиску да се запознае со првиот модел од подбрендот на Ioniq.

Инспириран од 45 Concept кој беше претставен на Салонот во Франкфурт во 2019 година отвора ново поглавје во историјата на Hyundai и постсавува нови темели во редефинирањето на електричната мобилност со одржливи и иновативни карактеристики.

Hyundai Ioniq 5

Уникатен и впечатлив дизајн

Она што веднаш привлекува внимание кај Ioniq 5 е неговиот дизајн кој во голема мерка е пренесен од 45 Concept. Моделот се истакнува со аголни елементи и остри линии, а тука е и футуристичкиот стил со ретро елементи.

Ioniq 5 е поставен на 20-инчни тркала, а на предниот и задниот дел се наоѓаат правоаголните LED светла со пикселни елементи кои се една од главните карактеристики на овој модел. Дизајнот е минималистички, а истото се однесува и на ентериерот.

Благодарение на новата платформа и целосно рамниот под, Ioniq 5 се одликува со голема пространост и простор за нозете, а инженерите аплицираа и лизгачка предна централна конзола која му овозможува уште поголем комфор на возачот. На контролната табла се наоѓаат два екрани од по 12 инчи, едниот е наменет за дигиталниот инструмент кластер, а вториот е за инфозабавниот систем. Двата се поставени во една голема стаклена површина. Селекторот за брзини се наоѓа зад управувачот, а тука е и head-up екранот со поддршка за проширена реалност (AR).

Вреди да се истакне и соларниот покрив со што дополнително се унапредува ефикасноста со користење на сончевата енергија која се трансферира во батеријата за зголемување на опсегот на движење.

Ioniq 5 во Македонија

Купувачите можат да бираат меѓу батерии со капацитет од 58 и 72,6 kWh. Базичниот модел има еден електромотор поставен на задната оска, додека помоќните варијанти доаѓаат со уште еден електромотор поставен напред и има систем за погон на сите четири тркала. Во сите варијанти, максималната брзина е 185 километри на час. Зависно од конфигурацијата, Hyundai Ioniq 5 може да испорачува 170, 217, 235 и 305 КС, зависно од тоа со која батерија ќе се избере и дали ќе има погон на задните или сите четири тркала.

На македонскиот пазар, Hyundai Ioniq 5 ќе се нуди во сите варијанти и во четири нивоа на опременост, а тоа се Premium, Impression, Ultimate Sun и Ultimate Cell. Почетната цена изнесува 44.900 евра. За повеќе информации посетете го продажниот салон на Ми-Да или официјалниот сајт на Hyundai во Македонија.

Поврзани вести

Back to top button