fbpx

ЕТ5 е нов, компактен електричен седан на Nio

Кинескиот премиум ЕВ производител Nio го претстави најновиот додаток во својата постава, а станува збор за ET5 компактниот луксузен седан

ET5 е најновиот производ на кинеската компанија Nio, а станува збор за компактен луксузен седан, чија главна цел е да се наметне како главен конкурент на Tesla Model 3. Новиот модел на кинескиот производител се приклучува на поголемиот ET7 во поставата, а забележлива е инспирацијата во дизајнот која ја влече од поголемиот модел. Nio ET5 има мошне препознатлив внатрешен и надворешен дизајн во една покомпактна форма. Новиот влезен модел на Nio во понудата е елегантен и модерен автомобил со чисти линии и коефициент на отпор на воздухот од 0,24, зависно од моделот.

Кога станува збор за димензиите, ET5 е долг 4.790 милиметри, 1960 милиметри е широк и висок е 1.499 милиметри, додека меѓуосовинското растојание е 2.888 милиметри. Тоа значи дека има нешто поголем отпечаток од Tesla Model 3, својот главен конкурент.

Новиот електричен седан на Nio се напојува со два електромотори со 150kW моќност на предната, односно 210 kW моќност на задната оска, испорачувајќи вкупно 360kW, односно 490 КС и 700 Nm. Според производителот, ET5 може да забрза од нула до „стотка“ за 4,3 секунди. Кога станува збор за возачкиот опсег, според CLTC кинескиот тест циклус, ET5 може да помине 550 километри со 75 kWh стандардната Standard Range батерија, преку 700 километри со 100 kWh Long Range батеријата и над 1.000 километри со Ultra Long батеријата.

Nio ET5

Врвна технологија и минималистички ентериер

Меѓу останатите карактеристики, тука се и NIO Autonomous Driving (NAD), потоа NIO Aquila Super Sensing и NIO Adam Super Coputing системите на компанијата, за кои производителот вели дека ќе му овозможат на ET5 постепено да постигне безбедно и смирувачко искуство на автономно возење на автопати, во урбани области, при паркирање и при замена на батериите.

Минималистичкиот, но софистициран ентериер на ET5 вклучува 10,2-инчен HDR инструмент кластер и голем екран во стил на таблет поставен на централната конзола. Исто така пристигнува со PanoCinema на Nio, панорамски дигитален кокпит со технологија за виртуелна и проширена реалност (AR и VR). Nio открива дека соработувал со NREAL и Nolo за заеднички да ги развие AR и VR очилата за ET5, а првите можат да проектираат ефективен екран со големина од 201 инчи на шест метри, додека вторите нудат 4К приказен ефект. Меѓу останатите карактеристики може да се истакнат амбиенталното осветлување со 256 бои, сараунд систем Dolby Atmos 7.1.4, како и UWB дигитален и паметен клуч.

Nio ET5

Новиот ET5 ќе биде достапен на кинескиот пазар од септември идната година со цена од околу 45.690 евра и 35.900 евра со таканаречениот BaaS (Battery-as-a-Service). Nio не откри кога ET5 ќе се најде на продажба на другите пазари, но сепак потврди дека моделот е направен да ги пресретне највисоките стандарди на Euro NCAP и C-NCAP. Од друга страна Nio ги откри своите планови за проширување на достапноста на поголемиот ET7 модел надвор од првичните пазари во Кина, Германија и Норвешка, па ќе се проширува во Холандија, Шведска и Данска во 2022 година, а дополнителни 22 земји и региони ќе бидат додадени во 2025.

Поврзани вести

Back to top button