Европа ја престигна Кина според електрификацијата

Односот на силите кога станува збор за електрифицираните модели полека се менува, бидејќи во досегашниот дел од годината во Европа се продадени повеќе вакви модели отколку во Кина

Независниот автомобилски аналитичар Матијас Шмит тврди дека Европа ја претекна Кина кога станува збор за нови регистрации на батериски автомобили во првите седум месеци од 2020 година. Не само тоа, Шмит истакнува дека успехот е и уште поголем, бидејќи тој во својата анализа ги вклучил само пазарите од западна Европа, плус земји како Исланд, Норвешка и Швајцарија кои не се дел од ЕУ.

Тој наведува дека во овие земји кумулативно во првите седум месеци оваа година продадени се нешто повеќе од 500.000 електрични возила, што е подобар резултат од она што е остварено во Кина. Треба да се истакне дека кинеските влассти по годините помагање на својата автомобилска индустрија со субвенции за купување на електрични модели решија да ги намалат поттикнувањата и да ги направат производителите независни од истите.

Од друга страна, сведоци сме на се поголеми субвенции за електрични и хибридни автомобили во Европа, каде покрај овие финансиски поттикнувања се нудат и други бенефиции како бесплатен паркинг, помал данок, можност за пристап во деловите од градовите каде што конвенционалните модели не смеат ни да пријдат, и така натаму…

Кинезите не смеат да бидат отпишани

Plug-in хибридните се далеку попопуларни во Европа отколку во Кина. Заклучно со месец јули, жителите на западниот дел од Европа купиле 231.000 PHEV модели, што е двојно повеќе отколку во Кина каде се регистрирани 108.000 вакви возила. Сепак, Кина останува број еден кога станува збор за продажбата на целосно електричните модели, бидејќи таму се доставени 378.000 возила за седум месеци во 2020 година, додека во Европа таа бројка стигнала до 269.000.

Шмит смета дека продажбата на електрифицираните возила во Европа би можела да надмине милион единици оваа година, особено посочувајќи дека се очекува доаѓањето на Volkswagen ID.3, од кого германските стручњаци очигледно имаат големи очекувања.

Сепак, не треба да се отпишуваат Кинезите. Освен што поседуваат илјадници мали „стартап“ компании кои се занимаваат со електрични модели, тука се и низа производители кои имаат големо искуство со вакви возила. Покрај тоа, Tesla веќе ја отвори својата фабрика во Кина за производство на Model 3. Овој погон има капацитет за монтирање на 500.000 возила годишно. Ако се согледа фактот дека повеќето овие автомобили ќе завршат токму во Кина, тогаш јасно е дека оваа земја уште долго време нема да го загуби тронот кога станува збор за продажбата на електрични модели.

Поврзани вести

Back to top button