fbpx

Ferrari 296 GTS е хибридна кабрио ѕверка со 830 КС

Во јуни минатата година пристигна првиот Ferrari суперавтомобил со V6 мотор, моделот GTB, а сега е претставенa и неговата Spider верзија наречена GTS

Ferrari ја претстави најновата верзија на својот 296 модел, па така на веќе постоечкиот GTB купе, му се приклучува и GTS варијантата со отворен покрив. Споделувајќи ја истата алуминиумска шасија и хибридниот 3,0-литарски V6 мотор, GTS се одликува со отстранлив покрив кој може да се отвори или затвори за 14 секунди при брзини до 45 километри на час. Со притискање на копчето за спуштање на покривот, истиот се дели на два дела и се се повлекува во просторот над моторот.

Ferrari 296 GTS

Сето ова влијае автомобилот да биде 70 килограми потежок, но впечаток е дека перформансите не страдаат премногу во оваа ситуација. Од Ferrari велат дека 296 GTS ги има истите 25 километри опсег на движење во ЕВ режим со максимална брзина од 135 километри на час. Иако, забрзувањето од 0 до 200 км/ч е за 0,3 секунди подолго, GTS и GTB го имаат истото забрзување од место до „стотка“ со само 2,9 секунди. V6 моторот е истиот како кај GTB и испорачува 663 КС, на кои Ferrari им додава 167 КС електрична моќност, што резултира со вкупни 830 КС кои ги придвижуваат само задните тркала.

Иако и ова звучи како доволно забава зад управувачот, Ferrari го нуди истиот Asetto Fiorano пакет кој е достапен кај GTB. Оваа варијанта пристигнува со поголема доза на карбонски елементи, лесни панели на вратите кои намалуваат 8 килограми од вкупната тежина и аеродинамични крила на предниот браник кои ја зголемуваат потисната сила за 10 килограми. Од Ferrari велат дека оваа верзија развива 360 килограми потисна сила при 240 километри на час.

Ferrari 296 GTS

Новиот 296 GTS не е единственото деби кое Ferrari го има испланирано за оваа година, со оглед на тоа дека наскоро се очекува премиерата и на првиот SUV на италијанската марка, моделот Purosangue.

Поврзани вести

Back to top button