Ferrari доби нов шеф и го насочува фокусот кон електрификацијата

Италијанскиот производител на спортски и луксузни автомобили, Ferrari, го назначи својот нов извршен директор Бенедето Виња

Бенедето Виња е новиот извршен директор на Ferrari, со што италијанската марка јасно го посочува својот фокус на електрификацијата. Виња ќе ја има задачата да ги предводи плановите на компанијата за претставувањето на првиот целосно електричен автомобил на Ferrari во 2025 година. Новиот извршен директор со себе треба да донесе огромно искуство и знаење во областа на технологијата.

Имено, Бенедето Виња во изминатите 26 години беше дел од STIMicroeletronics, при што беше претседател на Analog, MEMS и Sensors групацијата, најголемиот и најпрофитабилен сектор на STMicroelectronics минатата година. Според Ferrari, експертизата на Виња и „неговото длабоко разбирање на технологиите кои ги придвижуваат промените на нашата индустрија дополнително ќе го засилат производителот“. Полупроводниците, чиповите и останатите технологии се едни од најважните компоненти во индустријата со оглед на тоа дека производителите вградуваат се повеќе и повеќе технологија во модерните автомобили, вклучително и електричните погони.

„Голема чест е да се приклучам на Ferrari на местото извршен директор. Чувствувам подеднаква доза на возбуда и одговорност“, истакна Виња, додавајќи дека е возбуден поради големите шанси кои се пред него, но и дека чувствува значителна одговорност кон самиот бренд.

Компанијата до 2025 година треба да го претстави својот прв целосно електричен автомобил. За истиот се уште нема конкретни детали, но според патентот од почетокот на 2020 година, станува збор за возило со погон на сите четири тркала и четири електромотори.

Виња доаѓа на чело на Ferrari во време кога електричниот погон започнува да ги „демократизира“ перформансите. Мејнстрим електричните возила можат да понудат импресивни перформанси за прилично ниски цени, што може да биде сериозен проблем за брендови како Ferrari. Индустријата забрзано се менува, а технологијата е во срцето на оваа примена, па изборот на технолошкиот ветеран да го предводи Ferrari се чини како навистина паметен потег.

Поврзани вести

Back to top button