fbpx

Ferrari Enzo – најскапиот „онлајн“ продаден автомобил

Еден од вкупно 400-те произведени примероци на Ferrari Enzo е продаден преку онлајн аукција за неверојатни 2,64 милиони долари

Суперспортскиот претходник на моделот LaFerrari, Ferrari Enzo, произведен е во само 400 примероци од кои последниот произведен примерок италијанската автомобилска компанија му го подари на папата Јован Павле Втори, а еден од 399 примероци новиот сопственик го доби на онлајн аукција организирана од страна аукциската куќа RM Sotheby’s.

Официјалната процена на вредноста изнесуваше меѓу 2,6 и 2,9 милиони долари, но темата е нешто сосема друго. Имено, новиот сопственик за овој Ferrari Enzo издвои 2,64 милиони долари, што е најголемиот износ остварен на аукција исклучиво преку дигитален канал, односно преку онлајн продажба. Со тоа, овој Ferrari Enzo е најскапиот онлајн продаден автомобил, надминувајќи го рекордот на еден друг Ferrari модел, 288 GTO од 1985 кој беше продаден за 2.310.000 долари минатиот петок.

Примерокот со број на шасија 133033 е произведен во 2003 година и минал само 2.012 километри. Меѓу интересните детали на понудениот суперспортски двосед на Ferrari кој е наречен по основачот на славната италијанска автомобилска компанија се двобојните тркачки седишта кои за својот Enzo ја нарачале само првите неколку сопственици.

Наследникот на моделот F50 се напојува со 6,0-литарски атмосферски V12 мотор кој развива 660 КС и 657 Nm максимален вртежен момент за чија дистрибуција на задната осовина е задолжен шестстепен автоматски менувач F1, а со уникатната звучна подлога автомобилот од нула до „стотка“ стигнува за нешто повеќе од 3 секунди, додека максималната брзина изнесува 350 километри на час.

Поврзани вести

Back to top button