fbpx

Ferrari по само четири години го повлекува GTC4Lusso

Веројатно најпрактичниот автомобил на Ferrari, моделот GTC4Lusso, по само четири години на пазарот заминува во пензија

Ferrari одлучи да го повлече од производство GTC4Lusso и GTC4Lusso T, а од компанијата истакнуваат дека сето ова е во „согласност со петгодишната стратегија најавена во 2017 година, како и стандардниот животен век на моделите на компанијата“.

И додека Ferrari првично негираше дека GTC4Lusso заминува во пензија, со елиминирањето на овој најпрактичен свој модел се ослободува место за престојниот Purosangue кросовер. Всушност, компанијата ги тестира прототипите на Purosangue кои се „облечени“ во каросеријата на GTC4Lusso.

GTC4Lusso беше претставен во 2016 година на Салонот во Женева, а автомобилот се напојува со 6,3-литарски V12 мотор кој испорачува 690 КС и 697 Nm максимален вртежен момент. Истиот е поврзан со седумстепен автоматски менувач со двојна спојка кој е во комбинација со стандарден систем за погон на сите четири тркала. Овој погонски склоп му овозможува на моделот од нула до „стотка“ да забрзува за 3,4 секунди, а максималната брзина е 335 километри на час.

GTC4Lusso T од друга страна има битурбо 3,9-литарски V8 мотор кој испорачува 610 КС и 759 Nm максимален вртежен момент. Покрај помалиот мотор, оваа варијанта има погон само на задните тркала. Благодарение на намалената тежина, перформансите се слични со спринт до „стотка“ за 3,5 секунди и максимална брзина од 320 километри на час.

Покрај импресивните перформанси, овие автомобили привлекоа огромно внимание поради нивниот ентериер со четири седишта и багажникот со капацитет од 450 литри. Секако, овие бројки ќе бидат надминати од престојниот Purosangue, првиот кросовер на италијанската компанија, кој се очекува да биде претставен идната година, а на пазарот да пристигне во 2022.

Поврзани вести

Back to top button