fbpx

Ferrari се приклучи на забавата, претставен кросоверот Purosangue

Беа потребни цели 75 години, но Ferrari конечно го претстави својот прв автомобил со четири врати кој го носи името Purosangue

Ferrari конечно се приклучува на забавата на луксузни SUV/кросовер модели, претставувајќи го новиот Purosangue. Сепак, чекањето се исплатеше, бидејќи најновиот автомобил на италијанската марка пристигнува со спектакуларен стил инспириран од Roma, со V12 мотор и максимална брзина од 310 километри на час.

Цели 75 години беа потребни за Ferrari да ја произведе својата прва сериска машина со четири врати, a новиот Purosangue ќе бие битка со Aston Martin DBX, Lamborghini Urus, Bentley Bentayga и Rolls Royce Cullinan.

Purosangue пристигнува со простор за целото семејство, задни врати со задни шарки, практичен отвор за пристап до багажникот и погон на сите тркала за да може да се користи во текот на целата година. И за разлика од ривалите кои избраа да произведуваат автомобили во облик на класичен SUV, Ferrari се одлучи за поблаг, кросовер стил на каросеријата чија највисока точка е оддалечена скромни 1.589 милиметри од подлогата. Тоа би можело да значи дека нуди нешто помалку простор за главите за патниците во однос на своите ривали, но исто така овозможува поелегантен стил и понизок центар на гравитација (помогнат од карбонската покривна плоча) што би требало да донесе придобивки при управувањето.

Ferrari Purosangue

Надворешниот дизајн на алуминиумската каросерија долга 4.973 милиметри во голема мера се потпира на елегантното купе Roma на Ferrari. Стисната половина, обликот на задниот дифузорски панел во кој се сместени четирите издувни цевки, заедно со третманот на предните и задните светла, кои потсетуваат на дизајнерските карактеристики на автомобилот со две врати, му даваат на Purosangue елегантна естетика неспоредлива со автомобилите на конкурентите. Исто така, се издвојува со задните врати кои се отвораат спротивно од предните, додека необичниот „лебдечки“ трим кај сводовите над тркалата прави дури и 22-инчните предни и 23-инчните задни тркала да не изгледаат непријатно големи.

V12 под хаубата

Но, онаму каде што Purosangue навистина се обидува да ја потврди својата супериорност во однос на другите луксузни теренци, е под долгата хауба. V6, V8 моторите и хибридната моќност најверојатно ќе се најдат во поставата подоцна, но во моментов кросоверот пристигнува со атмосферски 6,5-литарски V12 кој развива 725 КС и 716 Nm вртежен момент и стигнува до 8.250 вртежи во минута. Сето тоа е поврзано со системот за погон на сите тркала преку осумстепен менувач со двојна спојка што е поставен назади, исто како кај GT автомобилите на Ferrari, и му помага на Purosangue да добие импресивна 49:51 распределба на тежината.

Како што веќе напоменавме, ова му овозможува на Ferrari Purosangue да достигне максимална брзина од 310 километри на час, додека забрзувањето од нула до „стотка“ се достигнува за 3,3 секунди.

Ferrari Purosangue

Иако ова не е првиот автомобил на Ferrari со погон на сите тркала, тој е првиот со контрола на спуштање по надолнини, нешто што изгледаше незамисливо пред 20 години. Тоа е исто така првото Ferrari со Аctive Roll контрола. Активните анти-рол барови станаа вообичаени кај големите луксузни автомобили, но Ferrari ја постигнува својата контрола на тркалањето преку употреба на електронски контролирани Multimatic амортизери со вентили со калеми. Тоа треба да помогне во артикулацијата на оската на нерамна почва, а истовремено да ја зацврсти шасијата за возење со голема брзина. Но, тие не можат да ја подигнат висината на возењето (фиксирана е на 183 мм), што ќе ја ограничи неговата способност за теренски пат.

Без централен екран на допир

Дека Purosangue е многу поинаков вид на Ferrari, доказ е и различниот внатрешен дизајн. Додека другите производители на автомобили имаат тенденција да им даваат на своите автомобили многу слични контролни табли, се чини дека Ferrari го менува курсот од автомобил до автомобил. Така, иако Purosangue можеби изгледа како Roma однадвор, тој е многу различен одвнатре, повеќе наликува на половина внатрешност од 296 GTB што се огледува од другата страна на кабината. Нема голем централен екран на допир, a наместо тоа, и возачот и патникот добиваат свој голем екран.

Ferrari Purosangue

Како што стојат работите, Ferrari го направи долгоочекуваниот скок напред, и Purosangue изгледа побалансирано, рафинирано и поинтригантно отколку што се очекуваше. Со почетна цена од 390.000 евра, Purosangue се очекува да сврти нова страница во историјата на Ferrari.

Поврзани вести

Back to top button