Ferrari заработува над 86.000 евра од еден продаден автомобил!

Италијанскиот производител на луксузни спортски автомобили во 2019 година продал 10.131 возило, што е најдобар продажен резултат во историјата

Ferrari зад себе има мошне успешна година во која за прв пат во својата историја за една година успеал да продаде повеќе од 10.000 автомобили. Речиси во сите светски региони, освен на американскиот континент, италијанската компанија забележала раст на продажбата, а заработувачката е зголемена за 10,1 процент во однос на 2018 година, пренесува Fiat Group World. Истиот извор наведува дека заработувачката од продажбата на точно 10.131 автомобил во просек изнесува дури 86.369 евра по возило.

Имено, Ferrari овие возила ги продал со добивка од работењето од 23,2 проценти, со што во превод се доаѓа до бројката од 86.369 евра во просек, што е навистина сериозна сума. Според Fiat Group World, Ferrari оваа импресивна добивка ја остварил преку воведување на нови технологии, прилагодување на промените на пазарот и рекламирањето на своите возила

Ако се спореди профитабилноста на Ferrari со другите производили, се доаѓа до заклучок дека BMW морал да продаде 30 автомобили за да заработи онолку колку што Ferrari заработил од едно возило, додека кај Volkswagen тој број изнесува 56 возила. На Mercedes оваа заработувачка би му ја донеле 67 продадени автомобили, на Ford дури 907, a на Nissan 928 возила. Со што се добива нова слика на односот меѓу вредноста и заработката. Интересно е дека Ferrari во 2018 година продал помалку возила отколку во 2019, но заработувал повеќе по продаден автомобил, односно 86.801 евро.

Италијанскиот производител имаше одлична 2019 година, без оглед што добивката од работењето беше за нијанса пониска отколку една година претходно. Но, иако Ferrari имаше доста работа во 2019, се очекува 2020 година да биде помирна, со помалку нови модели, а останува да се види како тоа ќе се одрази на профитабилноста на компанијата.

Поврзани вести

Back to top button