fbpx

Ford го претстави освежениот Focus

И покрај лудилото кое владее околу кросовер моделите, Focus и понатаму останува важен дел од европската филозофија на Ford

Со цел да го задржи вниманието и популарноста на еден од своите најважни модели, Ford одлучи да направи освежување на средина од животниот век на Focus. Фејслифтот пристигнува со мали промени на екстериерот, но значителни измени во внатрешноста кои се наменети кон зголемување на безбедноста и пространоста, како и најголемиот инфозабавен екран во класата од 13,2 инчи во комбинација со најновата SYNC 4 технологија на Ford и поддршка за бежични унапредувања како и бежични Apple CarPlay и Android Auto интеграции. Поголемиот екран значи и недостаток на физички контроли за клима-уредот, се со цел да се добие поедноставен изглед на централната конзола.

Ford Focus

На прв поглед, освежениот Ford Focus не делува радикално поинаку од автомобилот во заминување. Од компанијата велат дека овој модел ја претставува новата итерација на „човечки настроената“ дизајнерска филозофија, која во овој случај се манифестира преку подигната хауба за „подобра визуелна присутност“ и релокација на синиот овал на Ford кој сега се наоѓа во средина на решетката. Секој модел добива LED фарови со интегрирани магленки и покарактеристични дневни светла, додека затната LED светлосна групација се одликува со нова светлечка шема.

Ford Focus

Но, овој пат Ford вложи поголеми напори за да создаде препознатливи стилски разлики меѓу моделите на Focus. Така, Connected и Titanium верзиите добиваат поширока горна решетка со сјајни хромирани рамки и хоризонтални ленти. Спортскиот ST-Line добива сјајно црна решетка со поинаква шема, подлабока долна решетка и странични прагови, дифузер и заден спојлер. „Кросоверскиот“ Active добива вертикални шипки на решетката и пластична заштита на каросеријата, додека Vignale пакетот достапен за Titanium, ST-Line и Active моделите вклучува сатенски финиш на горната решетка и специјални тркала.

Електфицирани погони и поголема безбедност

Најголемата новост под хаубата е опцијата за седумстепен менувач со двојна спојка на моделите опремени со 125 и 155 КС и 48-волтна блага хибридна технологија. Од друга страна, трицилиндричните мотори не добиваат електрификација и испорачуваат 100 и 125 КС и се во комбинација со шестстепен мануелен менувач. Ford ги задржува и дизелите, па така как опција се нуди 1,5-литарскиот EcoBlue кој може да се добие со 95 или 120 КС. Двете конфигурации работат со стандарден шестепен мануелец, но помоќната единица може да се добие со осумстепен автоматик. Focus ST, пак, го задржува препознатливиот 2,3-литарски EcoBoost мотор со 280 КС, но добива нов дизајн на тркалата, нова Mean Green опција за боја, а во внатрешноста, кабината добива нов сет на перформансни седишта развиени од страна на Ford Performance.

Ford Focus

Практичната караванска верзија исто така не е заборавена и добива поразноврсен товарен простор со вертикален делител, специјален простор кој може да се собере, заедно со лесни патосници за чистење, како и „влажна зона“ за складирање на мокри алишта и чадори.

Ford не заборави ниту на безбедноста, па така арсеналот на заштитни технологии кај Focus е засилен и дополнет со неколку важни системи, вклучително мониторирање на слепа точка и асистенција за крстосница.

Поврзани вести

Back to top button