fbpx

Ford потврди дека Bronco и Bronco Sport нема да пристигнат во Европа

Целосно новите Ford Bronco и Ford Bronco Sport привлекоа огромно внимание во јавноста по нивната премиера која се одржа на 13 јули

Во првите три недели повеќе од 165.000 американски купувачи уплатиле депозит од 100 долари за да си обезбедат место на листата за Bronco и Bronco Sport, а oд Ford велат дека такви резултати не паметат во својата историја. Но, додека „набилданиот“ SUV очекувано стартуваше во голем стил во Северна Америка, тој воопшто нема да пристигне во Европа

Од Ford потврдија дека ниту Brоnco, ниту компактниот Bronco Sport нема да се најде во продажба во Европа. „Bronco е целосно развиен за пазарот во Северна Америка. Засега не постојат планови за истиот да се пласира во Европа“, изјави портпаролот на Ford Germany околу плановите на американската фирма кога станува збор за двата нови модели.

Bronco
Ford Bronco

За разлика од Mustang, кој Ford го претвори во глобален модел со лансирањето на шестата генерација во 2015 година, Bronco и Brоnco Sport најверојатно ќе останат ексклузива исклучиво за Северна Америка. Засега, Ford не е заинтересиран да развие варијанти со хомологација за европскиот пазар. Иако тоа не би требало да биде голем проблем за Bronco Sport, кој ја користи платформата на Ford Kuga.

Ford Bronco Sport

Од Fоrd не ја откриваат причината за одлуката да не ги пласираат Bronco моделите во Европа. Сепак, можеби сето тоа е поврзано со строгите регулативи на ЕУ кога станува збор за флотната емисија на штетни гасови. Според истите, емисијата не смее да биде поголема од 95 грами CO2 по километар. Ford веќе има флота со релативно висока CO2 емисија. Затоа Brоnco и Brоnco Sport само ќе му направат поголеми проблеми на американскиот производител и ќе ја зголемат флотната емисија.

Причина за тоа е што ниту еден од двата модели нема електрифициран погон, барем не во моментов. Затоа не е исклучено во иднина Ford да го додаде plug-in хибридниот погон од Kuga кај Brоnco Sport и да почне да го продава во Европа. Со „обичниот“ Bronco, ситуацијата е малку потешка.

Поврзани вести

Back to top button