Formula 1 календарот променет, сезоната стартува во Бахреин

Сезоната се уште незапочата, а веќе се направени првите промени и рокади во календарот за новата сезона од Formula 1

Неколку промени се направени во календарот за Formula 1 за новата сезона, кој официјално беше ревидиран за да се исклучи Големата награда на Австралија како прва трка во сезоната. Со оглед на пандемијата на коронавирусот и стриктните мерки кои важат во Австралија, раководството на F1 одлучи трката во Мелбурн да ја одложи за подоцна во текот на шампионатот. Ова значи дека сезоната ќе започне една недела подоцна со Големата награда на Бахреин на 28 март.

Големата награда на Австралија наместо на 21 март, ќе се одржи на 21 ноември, а промена е и враќањето на Имола во календарот, каде ќе се одржи втората трка во сезоната на 18 април, заменувајќи ја Големата награда на Кина која и претходно беше неизвесна. На 2 мај останува една трка за која F1 раководството допрва треба да објави каде ќе се одржи.

Со најновите промени, вака ќе изгледа календарот за 2021:

-Бахреин (28 март)
-Италија (Имола, 18 април)
-Непознато (2 мај)
-Шпанија (23 мај)
-Азербејџан (6 јуни)
-Канада (13 јуни)
-Франција (27 јуни)
-Австрија (4 јули)
-Велика Британија (18 јули)
-Унгарија (1 август)
-Белгија (29 август)
-Холандија (5 септември)
-Италија (Монца, 12 септември)
-Русија (26 септември)
-Сингапур (3 октомври)
-Јапонија (10 октомври)
-САД (24 октомври)
-Мексико (31 октомври)
-Бразил (7 ноември)
-Австралија (21 ноември)
-Саудиска Арабија (5 декември)
-Абу Даби (12 декември).

„Ова беше прилично зафатен старт на новата година во Formula 1 и задоволни сме што можеме да потврдиме дека голем број од планираните трки за сезоната остануваат непроменети. Тоа што успеавме да го договориме новиот датум за Големата награда на Австралија во ноември е голем успех, а работиме со кинеските колеги за да најдеме решение за да се одржи една трка таму во 2021 година доколку нешто се промени“, изјави претседателот и извршен директор на F1, Стефано Доменикали.

Поврзани вести

Back to top button