fbpx

Футуристичкиот концепт Mercedes C111/II го прослави 50 роденден

Mercedes овие денови го прослави 50-тиот роденден на својот експериментален футуристички спортски концепт наречен C111/II

Автомобилот кој во тоа време целосно отскокнуваше од тогашната продукција на Mercedes беше претставен на Салонот за автомобили во Женева во 1970 година. Mercedes C111/II беше експериментално концептно возило со кој германскиот производител најавуваше потенцијален продукциски суперспортски автомобил, a со својот прекрасен изглед и брзина беше многу пред своето време.

Концептот сам по себе претставуваше голема сензација на женевската автомобилска манифестација. Моделот е плод на експериментите со повеќе верзии и типови на мотор од страна на Mercedes, па така во првите две возила C111 беше вграден ротациониот Wankel мотор. Автомобилот се истакнувал и по својата специфична, металик-портокалова боја на надворешноста, како и „шилестиот“ облик на каросеријата.

C111/II

Mercedes C111/II имал и специфични gullwing врати кои се отвараат нагоре, а иако станува збор за спортски двосед со централно поставен мотор, автомобилот бил смислен како практично возило. Автомобилот имал два багажници, еден напред и друг позади, поставен зад моторниот оддел. Тоа воедно е и првиот автомобил во целост проектиран со помош на компјутер, што го скратило времето за развој и конструкција на ова возило за цели четири месеци. На почетокот C111/II за својот погон користел ротационен мотор, за во подоцнежната фаза од испитувањето на автомобилот тој да биде заменет со 3,5-литарски V8 агрегат.

Иако Mercedes уште на Салонот во Женева нагласи дека станува збор за експериментален концепт, набрзо бил преплавен со понуди од потенцијалните купувачи кои посакувале овој автомобил да го видат во своите гаражи. Меѓутоа, идејата да се продолжи со развој на продукциски модел подоцна е отфрлена, откако во седумдесетите години на минатиот век настапи светската нафтена криза. Mercedes C111 никогаш не се разви во сериски автомобил, но остана запаметен како еден од најинтересните концептни возила од тој период, а секако и придонесе за искуство и база на знаење за развојот на идните спортски модели на германскиот гигант.

Поврзани вести

Back to top button