fbpx

G70 Shooting Brake, караванот на Genesis направен за Европа

И покрај се поголемата популарност на SUV моделите, европејците и понатаму имаат голема љубов кон караваните, а тој тренд го следи и Genesis со G70 Shooting Brake

Корејската премиум марка Genesis се подготвува за сериозна европска офанзива, а истата ја најави минатата недела со моделите G80, GV80, G70 и GV70, но сега доаѓа уште еден луксузен модел кој е наменет исклучиво за Стариот континент, а без кој понудата не би била комплетна на овој пазар. Genesis официјално го претстави G70 Shooting Brake, стилскиот караван кој е подготвен да влезе во битка со етаблираните модели на премиум марките во Европа, како Audi A4 Avant, BMW Серија 3 Touring и Mercedes C Класа Estate.

Интересно, караванската изведба на G70 ќе ги има истите димензии како неодамна освежениот седан. Должината на G70 Shooting brake изнесува 4.685 милиметри, широк е 1.850 милиметри, а е висок 1.400 милиметри, со идентично меѓуоскино растојание од 2.835 мм. Но, и покрај тоа што „отпечатокот“ останува непроменет, оваа каросериска изведба им овозможи на инженерите да го зголемат капацитетот на багажникот за 40 проценти во однос на стандардниот модел, со што се добива поголема практичност на возилото.

G70 Shooting Brake е базиран на освежениот седан кој беше претставен во Јужна Кореја во септември 2020 година и го пресликува дизајнот на „обичниот“ G70. Корпоративниот Two Lines потпис е пренесен и тука и е нешто понагласен на караванската верзија со оглед на тоа дека поделените задни светла се протегаат и на задната врата.

Genesis во Европа доаѓа ова лето

Техничките спецификации за новиот модел во поставата на Genesis за европскиот пазар допрва треба да бидат објавени, но се очекува да ги пренесе истите оние со кои се одликува седанот. Тоа значи дека во понудата ќе се најдат 2,0-литарскиот турбо четирицилиндерски мотор со 252 КС, потоа битурбо 3,3-литарскиот V6 мотор со 370 КС, како и 2,2-литарскиот дизел со 201 КС.

Genesis пристигнува во Европа ова лето, а првиот пазар кој ќе го освојува е Германија, каде ќе оди директно на мегдан со етаблираното германско трио, по што ќе се појави во Швајцарија и Велика Британија. G80 седанот и GV80 SUV моделот ќе се понудат уште при самото лансирање, а G70 и GV70 моделите ќе следуваат наскоро. Неодамна претставениот Electrified G80 исто така пристигнува во Европа, заедно со уште две електрични возила кои ќе пристигнат за една година.

Поврзани вести

Back to top button