GAC официјално влегува на пазарите во Југоисточна Европа

GAC официјално влегува на пазарите во Југоисточна Европа, вклучувајќи ја и Македонија, со четири SUV модели

Кинескиот автомобилски гигант GAC (Guangzhou Automobile Group) официјално влегува на пазарите во Југоисточна Европа, носејќи понуда од бензински, хибридни и целосно електрични модели. Редакцијата на Авто Плус беше присутна на настанот по овој повод во Белград. Компанијата, која веќе 14 години по ред се наоѓа на листата Fortune Global 500 и годишно произведува повеќе од 1,7 милиони возила, ја започнува својата регионална офанзива со четири модели и јасна стратегија насочена кон европските купувачи.

За официјален увозник и дистрибутер во регионот е избрана SEEAG Group, компанија со повеќе од три децении искуство во продажба и постпродажни услуги. Нејзината мрежа ги опфаќа Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово, Северна Македонија и Бугарија.

„Во Европа, за Европа“

GAC не ја гради својата европска приказна само преку продажба на автомобили. Брендот веќе располага со Европски дизајн центар во Милано, европско седиште во Холандија, дистрибутивен центар за резервни делови во Ротердам, додека производството за европскиот пазар се одвива во Грац, Австрија, во соработка со Magna Steyr.

Компанијата досега инвестирала повеќе од 5,7 милијарди евра во истражување и развој, а на развојот на новите модели работат над 6.000 инженери и експерти од 15 земји и региони.

Историјата на GAC започнува уште во 1997 година, додека индустриските корени на компанијата датираат од 1948 година. Дополнителна потврда за нејзините инженерски стандарди се долгогодишните партнерства со Honda од 1998 година и Toyota од 2004 година, преку кои компанијата стекна значително искуство во производство на автомобили според највисоки светски стандарди.

Четири модели за различни потреби

При влегувањето на пазарот, GAC ќе понуди четири модели кои покриваат различни типови погон.

Понудата ја сочинуваат електричните AION V и AION UT, хибридниот GAC EMKOO и бензинскиот EMZOOM. Со тоа компанијата сака да им овозможи на купувачите избор меѓу целосно електричен погон, ефикасен хибрид или класичен турбо бензинец, без компромис кога станува збор за безбедноста, технологијата и опремата.

AION V – електричен семеен SUV со домет до 510 километри

AION V е компактен до средно голем електричен SUV, наменет за семејства и купувачи кои бараат просторен автомобил со голем домет.

Моделот располага со батерија од 75,3 kWh која овозможува до 510 километри автономија според WLTP циклусот. Благодарение на DC полнење до 180 kW, батеријата може да се наполни од 30 до 80 проценти за околу 20 минути.

Практичноста е една од неговите главни предности. Багажникот нуди до 1.600 литри простор, кабината располага со рамно подно решение, голем простор за нозете и панорамски стаклен покрив, додека системот за управување со температурата на батеријата и топлинската пумпа придонесуваат за подобри перформанси и во зимски услови.

AION V е оценет со пет ѕвезди на Euro NCAP тестирањата и доаѓа со седум воздушни перничиња, напредни системи за асистенција на возачот, како и безжични Apple CarPlay и Android Auto.

AION UT – компактен електричен модел со изненадувачка пространост

Вториот електричен модел е AION UT, хечбек дизајниран во Европскиот дизајн центар на GAC во Милано.

И покрај компактните димензии, меѓуоскиното растојание од 2.750 mm обезбедува простор за тројца возрасни патници на задната клупа. Багажникот располага со 440 литри, а со соборени седишта капацитетот достигнува до 1.600 литри.

Во кабината се наоѓаат централен екран од 14,5 инчи и дигитална инструмент табла од 8,8 инчи, додека Apple CarPlay и Android Auto се дел од стандардната опрема.

И овој модел се произведува во Грац, Австрија, а исто така е оценет со максимални пет ѕвезди на Euro NCAP тестовите.

Електричните AION V и AION UT добиваат гаранција од осум години или 160.000 километри за возилото, осум години или 200.000 километри за батеријата, како и тригодишна европска помош на пат.

EMKOO – хибриден SUV со 232 КС

За купувачите кои сè уште не се подготвени за целосна електрификација, GAC го нуди EMKOO.

Хибридниот SUV комбинира 1,5-литарски бензински мотор со електричен погон, развивајќи вкупно 232 КС. Просечната потрошувачка изнесува околу 4,8 литри на 100 километри, додека забрзувањето од 0 до 100 km/h трае околу осум секунди.

EMKOO припаѓа во C-SUV сегментот, долг е 4,68 метри и располага со багажник од 638 литри. Во опремата се вклучени мултилинк задна суспензија, 19-инчни тркала, панорамски покрив, електрично прилагодливи, загревани и вентилирани предни седишта, како и современи ADAS системи.

За овој модел се обезбедуваат пет години гаранција и три години европска помош на пат.

EMZOOM – спортски бензински SUV

Понудата ја заокружува EMZOOM, компактен SUV со спортски карактер.

Под хаубата работи 1,5-литарски турбо бензински мотор со 170 КС и 270 Nm вртежен момент. Забрзувањето до 100 km/h трае околу осум секунди, а комбинираната потрошувачка според WLTP циклусот изнесува 5,9 l/100 km.

Со должина од 4,41 метри, EMZOOM нуди багажен простор од 341 до 1.271 литар, централен екран од 14,5 инчи, Apple CarPlay и Android Auto, панорамски покрив, 360-степенска камера, вентилирано возачко седиште и бројни системи за активна безбедност.

И овој модел е покриен со петгодишна гаранција и тригодишна европска помош на пат.

Долгорочни амбиции за регионот

Од GAC истакнуваат дека влегувањето во Југоисточна Европа е дел од пошироката европска стратегија на компанијата.

„Со влегувањето на пазарот значително придонесуваме кон проширување на заедницата од повеќе од 30 милиони корисници на возилата на брендот. Нашата понуда се темели на сопствена технологија, европски дизајн, производство во Австрија и високи безбедносни стандарди. Палетата од четири модели е создадена да одговори на различни потреби – од градска електрична мобилност до семејни SUV модели и ефикасни бензински и хибридни погонски решенија“, изјави Томислав Драшковиќ, бренд менаџер на GAC South-East Europe.

Поврзани вести

Back to top button