General Motors по цели 60 години доби ново лого

General Motors врти нова страница во својата историја, започнувајќи нова кампања наречена Everybody In, а се со цел да го претстави новото лого

Американскиот гигант General Motors започна нова кампања наречена Everybody In како повик за акција со цел да се реосмисли себе си и да ја достигне целта за создавање на свет без судири, без емисија, без застои, а за таа цел го претстави и своето ново лого по цели 60 години.

Новата кампања на General Motors се фокусира на три теми, кои се вртат околу електричната мобилност. За таа цел американскиот гигант планира да претстави преку 30 нови електрични возила до 2025 година. Токму поради тоа се потребни и промени, а главната доаѓа со новото лого. За компанија која постои уште од 1908 година, GM всушност и не ја менувал својата значка толку често. Имено, ова е само четврти таков потег во историјата.

Логото и понатаму се базира околу иницијалите на компанијата, но сега со нешто поизменет облик. Иако останува со истата тематика, ова е прв пат уште од 1964 година логото на GM да се менува. Сината позадина и подвлечените големи G и M се тука веќе 57 години.

Првото лого било релативно едноставно со испишани зборови „General Motors Company“, но на истото биле премногу букви за едно лого. 30 години подоцна следуваше логото со иницијалите „GM“ и испишано името на компанијата. За 2022 година, буквите се мали и поставени во бокс, а поради некоја причина буквата „m“ е подвлечена.

Новото лого е дизајнирано во согласност со дигитализацијата која ги зафаќа сите производители.

„Ова беше проект кој нашиот тим го сфати лично, не само за нас туку и за 164.000 вработени кои ова лого ги претставува. Со секој чекор ние имавме намера да бидеме конкретни бидејќи ова лого прикажува креативно и иновативно размислување низ глобалното General Motors семејство“, изјави извршниот директор за глобален индустриски дизајн на GM, Шерон Гауси.

Од приложените фотографии може да се забележи дека логото ќе биде достапно во три бои. Тоа се светло и темно сина нијанса, како и во црна. Не е познато дали тие ќе имаат различна цел, односно намена. Сепак, од General Motors истакнаа дека логото во најсветлата нијанса ќе се користи најчесто за да ја демонстрира нултата емисија на издувни емисии кои планираат да ги донесат во иднина.

Поврзани вести

Back to top button