Genesis ги објави првите фотки од моделот G80
Во пресрет на премиерното претставување Genesis ги објави првите фотографии на кои може да се види конечниот изглед на новиот модел G80
Јужнокорејскиот бренд, кој е под закрилата на Hyundai, новиот G80 требаше да го претстави премиерно на Салонот за автомобили во Женева, но по откажувањето на годинешниот швајцарски саем, плановите се променија, па во пресрет на најавеното претставување во живо, тие објавија фотографии на кои може да се види финалниот изглед на нивниот луксузен автомобил.
Новиот модел со неколкуте каросериски детали потсетува на SUV моделот GV80 со кој ја дели истата платформа, а од Genesis тврдат дека по објавувањето на фотографиите се мошне задоволни по првичните повратни информации. Исто како и GV80, така и новиот G80 го поседува дворедниот таканаречен Quadlamp светлосниот потпис за сите четири агли од каросеријата. Комплетниот светлосен комплекс е визуелно поврзан со дволиниски единици, за кои делува дека претставуваат дневно светло или пак покажувачи на насоката, сместени на предните штитници за кал.
Предниот крај од возилото се истакнува со маската за ладилникот која е изработена во препознатливиот Crest Grille стил на компанијата. Дизајнерскиот шеф на престижниот корејски бренд Лук Донкерволке, кој некогаш работешe во BMW, наведува дека решетката од ладилникот и предната светлосна група се смислени на тој начин да претставуваат целина која асоцира на „крилестото“ лого на Genesis.
„Дизајнот започнува со марката, и истовремено дизајнот е марката“, изјави тој. Санг Јуп Ли, потпретседателот на компанијата и раководителот на одделениот за дизајн на Genesis, се надоврза на овие зборови истакнувајќи дека „без разлика во погледот на тоа за кој тип на каросерија се работи, седан или кросовер, стилските решенија кои ги нарековме Quadlamps или атлетска елеганција ја претставуваат сржта на автентичниот идентитет на брендот. Тоа истовремено е и тазе алтернатива за она што веќе се нуди во сегментот на луксузни автомобили“.
Официјалната премиера подоцна во текот на годинава
Во луксузно опремената кабина која е обложена со врвни материјали доминира централно сместениот 14,5-инчен екран на допир преку кој се управува со инфозабавниот систем, а се уште не е откриено дали под хаубата ќе се најде 2,5-литарскиот четирицилиндричен или 3,5-литарскиот V6 мотор од веќе споменатиот SUV. Сите погонски склопови користат осумстепена автоматска трансмисија, исто како и кај GV80, со примена на технологијата drive-by-wire и ротациониот тастер кој е сместен на централната конзола.
Новиот G80 го краси облик на купе со четири врати. Како таков, тој го наследува актуелниот G80 кој иницијално е наречен Hyundai Genesis. Genesis G80 е поставен на 20-инчни тркала, но најверојатно е дека помалите единици исто така ќе бидат достапни на верзиите поблиски до основната спецификација.
Премиерата на овој модел пред матичната публика во Јужна Кореа ќе се случи во март, додека новајлијата на останатите големи светски пазари се очекува подоцна во текот на годинава.