Поставени дигитални мерачи на брзина во Скопје

Со цел да се подобри безбедноста во сообраќајот, а воедно и да се намали бројот на сообраќајни незгоди Градот Скопје постави дигитални мерачи на брзина пред неколку средни училишта

На промоцијата на дигиталните мерачи на брзина кои се донација од компанијата „Сава осигурување“ се обрати градоначалникот Шилегов.

– Немилиот настан што се случи пред два дена на булеварот Србија потсетува дека нема гарантирана безбедност и покрај зајакнатата полициска контрола и поставената сообраќајна сигнализација.

Непочитувањето на сообраќајната сигнализација и прекумерната брзина на возење го зголемува ризикот од сообраќајни несреќи кои неретко завршуваат со фатални последици. Зголемувањето на свесноста на возачите за безбедноста во сообраќајот влијае на намалувањето на бројот на предизвикани сообраќајни несреќи.

Во таа насока Град Скопје ги постави овие дигитални мерачи на брзина пред пет средни училишта. Скопје мора да биде град безбеден за растење и спокоен за пензионирање. Безбедноста на сите наши сограѓани е наша заедничка обврска – рече градоначалникот Шилегов.

дигитални мерачи на брзина

Тој исто така ја искористи можноста да упати апел до сите учесници во сообраќајот да ги почуваат сообраќајните правила и со своето одговорно однесување да придонесат за намалување на бројот на жртвите и повредените во сообраќајни несреќи.

– Ги повикувам сите општествено одговорни компании кои сакаат да донираат средства во делот на зголемувањето на безбедноста во сообраќајот, да го направат тоа со цел час поскоро заеднички да придонесеме на улиците на Скопје да има помалку собраќајни несреќи. Градот Скопје во рамките на своите ингеренции и понатаму ќе продолжи да се грижи за зголемувањето на безбедноста во сообраќајот и општо за безбедноста на граѓаните на Скопје – нагласи Шилегов.

Клучни зборови

Поврзани вести

Back to top button
Close