fbpx

GV60 е првиот електричен кросовер на Genesis

Компанијата Genesis за првпат го покажа своето прво исклучиво и целосно електрично возило наречено GV60 кое ќе биде наменето за европскиот пазар

Genesis се подготвува за својата европска офанзива, а за таа цел го претстави и својот прв кросовер кој ќе се нуди исклучиво со електричен погон и е наречен GV60. Genesis GV60 е претставен со првите официјални фотографии, а моделот ќе биде поставен на истата E-GMP платформа која се користи и за Hyundai Ioniq 5 и Kia EV6. Со оглед на тоа дека станува збор за премиум бренд, овој модел се очекува да биде еден вид на полуксузна варијанта на Ioniq 5 и EV6, додека дизајнерскиот јазик е препознатлив и е во согласност со останатите модели во поставата на Genesis.

Буквата G во називот на возилото го означува името Genesis, додека V ја претставува ЕВ разновидноста, а според актуелната номенклатура на производителот, пониските броеви го нагласуваат атлетицизмот, што значи дека компанијата ќе го маркетира како својто „најатлетски модел досега“.

Genesis GV60

Предниот дел на GV60 е инстантно препознатлив благодарение на Quad Lamps фаровите и Crest Grille решетката на брендот, иако истата добива нова форма и е помала отколку на останатите Genesis модели. Хаубата добива форма на „clam shell“ која е дизајнирана специјално за моделот.

Уникатна кабина

Кога ќе се погледне од профил, невозможно е да не се забележи дека GV60 поседува камери наместо традиционални ретровизори. Исто така, добива и електрични рачки на вратите кои се испакнуваат во моментот кога патниците и возачот ќе се доближат до електричниот кросовер. На задниот дел на GV60 се наоѓаат Two Line LED задните светла, фиксиран заден спојлер и опаѓачка покривна линија со што кросоверот добива форма на купе.

Ентериерот на Genesis GV60 исто така добива некои уникатни елементи, а највпечатлив е Crystal Sphere. Кога автомобилот е во мирување, Crystal Sphere формира дел од амбиенталното осветлување на возилото, а кога сте подготвени за возење, сферата ротира и се појавува shift-by-wire менувачот. Останатите клучни карактеристики на кабината вклучуваат и лебдечка централна конзола, екрани за камерите-ретровизори, голем дигитален инструмент кластер и нагласен инфозабавен систем со екран на допир.

Genesis GV60

Genesis се уште ги нема објавено техничките спецификации, перформансите и цената за GV60 во Европа, но се очекува да го направи тоа во следните месеци.

Поврзани вести

Back to top button