fbpx

Херојски подвиг на Хамилтон, од десетто место до победа во Бразил

Спектакуларен подвиг на Луис Хамилтон на трката за Големата награда на Бразил, каде успеа да дојде до победата на сензационален начин

На три трки до крајот на шампионатот во Formula 1, ситуацијата се вжештува. Британецот има 14 бода помалку од Ферстапен, а Луис Хамилтон на Интерлагос патеката покажа дека е најдобриот возач на денешницата и еден од најдобрите во историјата.

Британскиот пилот имаше фантастична трка во Бразил. Поради неправилностите со DRS системот беше казнет и саботната спринт трка, со која се одреди стартниот поредок за денешната главна трка, ја стартуваше од 20 место, на истата се проби до петтото, но поради казната стартуваше дури како десетти. Ова не беше пречка за него, па на крајот од денешната трка успеа прв да мине низ целта. Ниту оваа трка не помина без „искри“ меѓу него и Макс Ферстапен, имаа еден „близок контакт“, но судиите оценија дека нема причина за казна за било кој од нив двајца.

Во 59-тиот круг од трката Хамилтон го искористи тоа што беше побрз на патеката во Сао Пауло од младиот Холанѓанец, го претекна и како татнеж стигна до победата, својата 101 во кариерата. Британецот одамна го собори рекордот по бројот на триумфи во историјата на Formula 1, а со секоја нова победа само го зголемува тој рекорден скор.

Второто место на трката му припадна на Макс Ферстапен, па повторно имаме драма во борбата за титулата, бидејќи предноста на возачот на Red Bull сега падна на 14 бода во однос на актуелниот шампион Хамилтон. На третата позиција заврши вториот возач на Mercedes, Ботас, додека како четврти низ целта мина тимскиот колега на Ферстапен, Перез. На петтото и шестото место заврши тандемот на Ferrari, Леклер и Сајнц.

До крајот на шампионатот остануваат три трки – Катар, Саудиска Арабија и Абу Даби, а ако се суди по она што го видовме викендов на Интерлагос, не очекуваат огромни возбудувања.

 

Поврзани вести

Back to top button