Honda Africa Twin влегува во нова генерација: Повеќе моќ, радар и верзија инспирирана од Дакар
Honda ја претстави новата Africa Twin 1150 на EICMA 2026, со поголем мотор, три различни верзии и напредни технологии за авантура и секојдневно возење

Honda на саемот EICMA 2026 ја претстави целосно новата генерација на својот легендарен авантуристички мотоцикл Africa Twin. Новата CRF1150L Africa Twin пристигнува со поголем мотор, целосно ревидирана шасија, пониско тежиште и значително унапредена технологија, а јапонскиот производител првпат ја дели понудата на три јасно профилирани верзии – стандардна Africa Twin, теренски ориентирана Enduro Sports и туристичката Adventure Sports.
Со ова Honda сака да понуди решение за различни типови возачи, без разлика дали станува збор за долги патувања, екстремен офроуд или секојдневно возење.

Повеќе моќ и подобра управливост
Сите три модели го користат новиот 1.131-кубен двоцилиндричен мотор кој развива 117 КС при 7.500 вртежи во минута и 119 Nm максимален вртежен момент при 5.700 вртежи. Во однос на претходната генерација со мотор од 1.084 кубни сантиметри, новата Africa Twin нуди повеќе сила и подобри перформанси.
Покрај новиот агрегат, Honda ја редизајнираше рамката и задната нишалка, при што конструкцијата е полесна за околу 1,4 килограми. Дел од резервоарот за гориво сега е поставен под седиштето, што овозможува пониско тежиште и полесно управување, особено при мали брзини и маневрирање на тежок терен.

Enduro Sports е најблиску до Dakar
Најекстремната верзија во гамата е новата Africa Twin Enduro Sports, создадена за возачи кои најголемиот дел од времето го поминуваат надвор од асфалтот.
Моделот добива предна суспензија развиена врз основа на Honda CRF450 Rally, мотоциклот со кој јапонската компанија настапува на релито Дакар. Дополнително, добива специфичен дизајн инспириран од рели натпреварите и компоненти насочени кон максимални офроуд способности.

Adventure Sports добива автомобилска технологија
На спротивниот крај од понудата се наоѓа новата Africa Twin Adventure Sports, наменета за долги патувања и максимален комфор.
Моделот располага со резервоар за гориво од речиси 24 литри, 19-инчно предно тркало, електронски управувана Showa суспензија со Skyhook технологија и богата туристичка опрема.
Најголемата новина е опционалниот систем Honda SENSING RIDE, достапен исклучиво кај верзијата со автоматскиот Dual Clutch Transmission (DCT). Благодарение на радарите поставени напред и назад, системот овозможува адаптивен темпомат со Stop & Go функција, предупредување за возила во мртов агол, предупредување за можен судир од напред и одзади, како и асистенција при итно сопирање.

Баланс меѓу туринг и офроуд
Стандардната Africa Twin останува најуниверзалната верзија во понудата, комбинирајќи удобност за туристички патувања со сериозни офроуд способности.
И таа добива електронска Showa суспензија, електрично прилагодлив ветробран, Smart Key систем и шест режими на возење, преку кои возачот може да го приспособи однесувањето на мотоциклот според подлогата и условите на патот.

Honda ја проширува филозофијата на Africa Twin
Со новата генерација Honda јасно покажува дека Africa Twin повеќе не е само еден модел, туку цело семејство авантуристички мотоцикли со различен карактер.
Од верзија инспирирана од Dakar релито, преку класичен adventure модел, до туристички мотоцикл со радарски безбедносни системи што досега беа резервирани за автомобили, новата Africa Twin 1150 се обидува да одговори на различните потреби на современите моторциклисти.
Цените и достапноста за европските пазари сè уште не се објавени, но Honda јасно најавува дека ова е најголемата еволуција на Africa Twin во последните години.











