fbpx

Honda го претстави прототипот за новиот Civic

Претставен e Honda Civic Prototype, а иако станува збор за прототип, сепак ни дава речиси целосен увид во тоа како ќе изглед продукцискиот модел

За креирањето на 11-тата генерација на Civic, Honda одлучи да му даде на седанот ниска и широка става со пософистициран и унапреден дизајн во однос на актуелниот модел. Од Honda велат дека овој прототип дава увид во целосно новиот Civic кој најпрво ќе биде лансиран во Америка во пролетта 2021, најпрво како Sedan, а потоа ќе следуваат Civic хечбекот, Civic Si и Civic Type R.

Honda Civic

Дизајнерите на јапонскиот производител започнаа со модерација на 10-тата генерација на моделот, по што додадоа нови стилски сегменти кои вклучуваат ниско поставена хауба и предни крила. На предниот дел се наоѓа нова решетка и карактеристични фарови. Меѓу останатите клучни дизајнерски елементи тука е задниот дел со поширока трага и нови задни светла. Прототипот за новиот Honda Civic исто така носи и нова боја наречена Solar Flare Pearl.

Honda Civic

И додека Honda допрва треба да ги покаже фотографиите за ентериерот на Civic Prototype, сепак објави цртеж од кабината. Во истиот се открива дека прототипот има поминималистички и постилски дизајн во однос на актуелниот автомобил и вклучува 9-инчен инфозабавен систем, дигитален инструментален кластер и отвори за воздух кои се протегаат низ целата контролна табла.

Honda Civic

Покрај дизајнот, од Honda велат дека новиот Civic ќе донесе голем број на нови активни и пасивни безбедносни системи, како што е унапредениот пакет на Honda Sensing безбедност и технологии за асистенција на возачот, а исто така ќе биде вклучен и новиот дизајн за воздушни перничиња. Автомобилот ќе содржи и нова верзија на Advanced Compatibility Engineering на Honda кога станува збор за структурата на телото, што ја унапредува заштитата при судири.

Производството и продажбата стартуваат во 2021

Според американските медиуми, новата генерација на Civic ќе добие и погон на сите четири тркала како опција по прв пат од 90-тите години. За разлика од претходникот, кога ова беше достапно само кај караванот, купувачите сега ќе можат да го нарачаат и на седанот и хечбекот. Во секој случај, јапонскиот производител се уште не открива детали за механиката и признава дека се уште работи на финалните детали. Претставениот прототип всушност и не е во возна состојба и е направен само за потребите на онлајн презентацијата, но конструкторот секако напоменува дека платформата настанала како еволуција на претходникот, каде се тргнати сите мали маани и унапредено е она што во минатото добивало пофалби.

Honda Civic

Американците не очекуваат промени кај моторните единици, па затоа се очекуваат 2,0-литарскиот бензинец со 158 КС, следува популарниот 1,5-литарски турбобензинец со 182 КС, односно со 208 КС во Si изведбата. Од Honda уште од сега најавуваат дека не треба да очекуваме хибриден модел на Civic, бидејќи не сака да се „меша во работата“ на моделот Insight. Секако, како и во минатото, понудата за остатокот од светот ќе се заснова на уште неколку помали бензинци како и на дизел, а засега ниту еден од нив не е потврден.

Производството и продажбата на американскиот пазар стартуваат следната година, а до тогаш ќе го видиме веројатно и серискиот модел.

Поврзани вести

Back to top button