Honda останува со Red Bull до крајот на 2021 година

Тимот на Red Bull објави дека го продолжи договорот со Honda за уште една сезона, со што јапонската компанија останува во F1 барем до крајот на 2021

Челниците на Honda одлучија да го продолжат своето присуство во Ф1 шампионатот по разговорите со првиот човек на Red Bull задолжен за авто-мото спортот Хелмут Марк минатата недела. Двете страни и понатаму се во преговори за периодот кој ќе следува по истекот на договорот во 2021. година.

Formula 1 за две години ќе влезе во нова ера бидејќи е постигнат договор за нови технички прописи со кои самото натпреварување би требало да го направи многу понеизвесно. Потврдата за продолжување на соработката меѓу Red Bull и Honda значи и дека австрискиот тим ќе остане во шампионатот по крајот на идната сезона, кога на сите екипи им истекуваат договорите.

Тимовите во моментов преговараат за нов комерцијален договор со Formula 1, за кој се верува дека ќе донесе промени во поделбата на наградниот фонд, како и порамномерна поделба на приходите. Од трите најдобри тима во шампионатот, Mercedes и Ferrari се уште не го потврдиле официјално своето останување во спортот по 2020 година.

Red Bull и Honda ја започнаа својата соработка оваа сезона и остварија три победи благодарение на Макс Верстапен. Триумфот на младиот Холанѓанец на Големата награда на Австрија е прв за јапонската компанија од нивното враќање во Formula 1 во 2015. година, а прва од победата на Џенсон Батон на Хунгароринг во 2006. година.

Honda се врати во Formula 1 со McLaren, со кого соработуваше три години, но без поголеми успеси. Минатата година јапонската компанија со своите мотори го снабдуваше Toro Rosso и тоа беше своевидно навестување за идно партнерство со Red Bull.

Годинешниот шампионат на Formula 1 завршува престојниот викенд со Големата награда на Абу Даби.

Клучни зборови

Поврзани вести

Back to top button
Close