fbpx

Hurricane е новиот мотор на Stellantis кој го заменува култниот Hemi

Групацијата Stellantis и покрај својот фокус на електрификацијата, не се откажува од конвенционалните мотори, а доказ за тоа е и новиот Hurricane

Stellantis го претстави новиот битурбо шестцилиндерски мотор со внатрешно согорување. Ова пред се се однесува на американскиот огранок на Stellantis, односно брендовите како Dodge, Chrysler, Jeep и Ram. За разлика од конкурентите преку Атлантикот, чиј фокус е силно насочен кон електрификацијата и турбобензинци со три или четири цилиндри, американскиот огранок на Stellantis, односно претставниците на корпорацијата Chrysler, продолжуваат со имплементација на атмосферски мотори со шест и осум цилиндри, пред се поради одличните продажни резултати. Сепак, легендарниот Hemi со осум цилиндри наскоро оди во пензија, бидејќи не ги задоволува се построгите регулативи за емисија на штетни гасови. Тука на сцена станува новиот Hurricane во конфигурација со шест цилиндри во линиски распоред. Овој агрегат нема да биде ексклузивен за Северна Америка и масовно ќе се користи во рамките на целата групација Stellantis.

Наречен Hurricane, овој мотор пристигнува во Standard и High Output верзии, а иако базичниот мотор се вели дека е оптимизиран за економичност, тој сепак испорачува повеќе од 400 КС (406) и 610 Nm максимален вртежен момент. Од Stellantis велат дека новиот шестцилиндерски мотор испорачува перформанси од ниво на V8, а притоа е 15 проценти поефикасен од поголемите агрегати.

Од друга страна, помоќната верзија е оптимизирана за перформанси и испорачува повеќе од 500 КС (507) и 645 Nm максимален вртежен момент. Двата модели имаат зафатнина од 3 литри и имаат алуминиумски блок со облоги на цилиндрите, а направени се и голем број други модификации. Послабата варијанта користи алуминиумски клипови и има 10.4:1 степен на компресија, додека помоќната верзија има челични клипови и понизок 9.5:1 степен на компресија за да работи со турбо притисокот кој е зголемен од 22 psi на 26 psi. Од Stellantis истакнуваат дека Hurricane е тежок 194 килограми, што е за околу 50 килограми помалку од Hemi.

2020 Dodge Durango SRT

Моторот ќе се користи на STLA платформите

Овој агрегат ќе се произведува во Мексико, а потоа ќе биде испорачуван до брендовите на Stellantis ширум светот. Погонот во Мексико е примарен за мотори на внатрешно согорување за возила кои ќе ги користат платформите STLA Large и STLA Frame. Платформата STLA ќе ја формира основата за новите ЕВ на компанијата, но може да се очекува моторите Hurricane да се спојат со електромотори за да се создадат хибридни варијанти.

Причината поради која третиот најголем производител на светот во време на електрификација и понатаму одлучува да понуди ваков тип на машина под хаубата е поради побарувањата на купувачите, особено во САД. Со овој мотор, компанијата е во состојба да ги надмине неефикасните V8 мотори и притоа да ги пресретне строгите регулативи.

Поврзани вести

Back to top button