Hyundai Bayon пристигнува со целосно нов изглед и хибриден погон
Новиот Hyundai Bayon дебитира со модерен дизајн, хибриден погон, дигитална кабина и богата опрема. Продажбата во Европа започнува во 2027

Hyundai официјално ја претстави новата генерација на Bayon, компактниот SUV кој добива целосно нов дизајн, побогата технолошка опрема и за првпат во својата историја ќе биде достапен и со хибриден погон. Светската премиера на моделот се одржа на Саемот за автомобили во Париз, а продажбата во Европа започнува во текот на првите месеци од 2027 година.
Со новиот Bayon, Hyundai има јасна цел, а тоа е да биде многу посериозен конкурент во B-SUV сегментот, каде главни конкуренцијата во Европа е исклучително жестока.

Дизајн инспириран од новиот Tucson
Најголемата промена е изгледот. Новиот Bayon е инспириран од дизајнерскиот јазик „Art of Steel“, кој дебитираше на најновата генерација на Tucson.
Предниот дел се издвојува со препознатливите дневни LED светла во форма на хокеарски стап, повисока линија на хаубата и понагласени пластични облоги околу крилата, што му даваат значително помоќен изглед отколку кај претходникот. На задниот дел се наоѓаат нови LED светла, а името Bayon е испишано со големи букви под логото на Hyundai.
За првпат во понудата ќе биде достапно и N Line ниво на опрема, кое носи поагресивен аеродинамичен пакет, 18-инчни алуминиумски тркала, двоен издувен систем и спортски детали во кабината, како црвени контрастни шевови и метални педали.

Помодерна кабина со повеќе технологија
Освен што изгледа поголемо, новиот Bayon е и попрактичен. Меѓуоскиното растојание е зголемено за 20 милиметри и сега изнесува 2.600 мм, што треба да обезбеди повеќе простор за патниците.
Во внатрешноста доминира новата дигитална поставеност со две екрани од 12,3 инчи, а купувачите ќе можат да изберат и опрема која досега беше резервирана за поголеми модели. Во листата на опции се вклучени панорамски покрив, вентилирани предни седишта, систем од камери со 360 степени, Bose аудио систем и Digital Key 2, кој овозможува автомобилот да се отклучува и стартува преку паметен телефон.
Hyundai исто така се враќа на физичките копчиња за најважните функции, додека контролите за клима-уредот остануваат чувствителни на допир.

За првпат достапен и како хибрид
Најважната техничка новина е воведувањето на 1,6-литарски HEV хибриден погон, кој развива 136 КС и е комбиниран исклучиво со 6-степен автоматски менувач со двојна спојка (DCT).
Возачот ќе може да го прилагодува нивото на регенеративното сопирање преку перата зад воланот. Hyundai потврдува дека хибридниот систем благо го намалува багажниот простор, додека податоците за масата и перформансите ќе бидат објавени дополнително.

Бензински мотори со до 115 КС
Покрај хибридната изведба, новиот Bayon ќе биде достапен и со добро познатиот 1,0-литарски T-GDI бензински мотор.
Основната верзија развива 90 КС, додека помоќната располага со 115 КС. И двете можат да се комбинираат со 6-степен мануелен или 7-степен автоматски менувач со двојна спојка.
Помоќната изведба забрзува од 0 до 100 km/h за 10,8 секунди, додека основниот мотор за истиот спринт има потреба од 14,1 секунда.
И покрај SUV изгледот, Bayon останува модел со преден погон, бидејќи Hyundai нема да понуди верзија со погон на сите четири тркала.

Продажбата започнува во 2027 година
Новиот Hyundai Bayon ќе пристигне во европските продажни салони во текот на почетокот на 2027 година. Со целосно нов дизајн, побогата опрема и воведувањето на хибриден погон, Hyundai очекува Bayon да стане значително поконкурентен играч во еден од најважните SUV сегменти на европскиот пазар.




















