fbpx

Hyundai го затвори својот развоен центар за конвенционални мотори

Седиштето за истражување и развој на Hyundai во Намјанг мина низ сериозна реорганизација бидејќи производителот се подготвува за следната фаза од електричната ера

Hyundai Motor Group е силно фокусирана кон електрификацијата, доказ за тоа се мошне амбициозните проекти како Hyundai Ioniq 5 и Kia EV6. Но, како пренесува Business Korea, групацијата ќе оди чекор подалеку, бидејќи го затвори својот развоен центар за мотори на внатрешно согорување, со што се најави крајот за нови конвенционални единици кога станува збор за продукциските модели.

Инженерскиот тим кој работел на развојот на нови мотори е трансформиран во тим за истражување и развој за електрични автомобили. Всушност, сите центри поврзани со мотори на внатрешно согорување се наводно претворени во единици поврзани со електрификација, заедно со новиот развоен центар за батерии кој беше оформен во Намјанг.

Hyundai сака да го скрати времето за истражување и развој за нови електрични возила со спојување на различни департмани. Како пример се наведува Project Management тимот и Integrated Product Development тимот кои сега формираат една единица работејќи на возило од неговиот првичен дизајн, па се до неговото производство.

Електрификацијата во Hyundai Motor Group веќе започна со неколку нови модели од Hyundai, Kia и Genesis, кои ќе бидат поставени на E-GMP платформата. Кога станува збор конкретно за Hyundai, по Ioniq 5 кој беше лансиран претходно годинава, ќе го лансира Ioniq 6 во 2022 и Ioniq 7 во 2024.

Покрај батериските електрични возила, корејскиот производител исто така работи и на технологија за водородни горивни ќелии како алтернатива за иднината.

Поврзани вести

Back to top button