fbpx

Hyundai го претстави Ioniq 5

Hyundai започнува ново поглавје во својата историја со лансирањето на подбрендот Ioniq и со првиот модел од овој опсег, моделот 5

Инспириран од 45 Concept, кој беше претставен на Салонот во Франкфурт во 2019 година, Ioniq 5 официјално ја доживеа својата светска премиера. Првиот модел во новиот електричен Ioniq бренд на Hyundai поставува нови темели за редефинирање на електричната мобилност со одржливи и иновативни карактеристики.

Автомобилот е поставен на специјалната ЕВ архитектура на Hyundai Motor Group, наречена Electric-Global Modular Platform (E-GMP), благодарение на што Ioniq 5, кој е првиот модел кој ја користи оваа платформа, се карактеризира со уникатни пропорции и продолжено меѓуосовинско растојание. Со E-GMP, Ioniq 5 нуди иновативен дизајн на ентериерот со еколошки материјали, силни перформанси и ултра брзо полнење, како и напредна конективност и системи за асистенција на возачот која ќе понуди ултимативно возачко искуство и безбедност во возењето.

Футуристички дизајн

Кога станува збор за дизајнот, очигледно е дека Ioniq 5 во голема мера го задржа дизајнот на Concept 45, прифаќајќи ги аголните елементи со остри линии, a задржан е футуристичкиот стил со ретро елементи. Со рачките од вратите на извлекување, моделот го задржува својот чист профил, кој е дополнително засилен со користењето на камери наместо конвенционални ретровизори. Со оглед на тоа дека овие камери нема да бидат легални насекаде во светот, дел од официјалните фотографии го прикажуваат електричниот кросовер со традиционалните ретровизори.

Ioniq 5

Ioniq 5 е поставен на 20-инчни тркала, кои се најголемите некогаш поставени од страна на Hyundai на едно електрично тркало и исто така влечат инспирација од концептниот автомобил. На предниот и задниот дел се наоѓаат правоаголните LED светла со пикселни елементи. Дизајнот е минималистички и доминираат чистите и рамни површини. По примерот и на другите понови електрични автомобили, така и овој новитет пристигнува со приклучоци за полнење на двете страни.

Новиот електричен автомобил на Hyundai е 4.635 милиметри долг, а тука е и масивното меѓуосовинско растојание кое го спомнавме погоре, а изнесува навистина големи 3.000 милиметри. Ширината брои 1.890, а висината 1.605 милиметри, со тоа што Hyundai тврди дека Ioniq 5 нуди пространост во ентериерот еквивалентно на модел од повисоките сегменти.

Огромна пространост во ентериерот

Кога станува збор за ентериерот, тука во целост се искористени поволностите кои ги нуди новата платформа со аплицирање на целосно рамен под. Ова покрај тоа што нуди поголем простор за нозете, исто така им овозможи на инженерите да развијат лизгачка предна централна конзола. Таа може да се извлече до 140 милиметри, што нуди уште поголем комфор за возачот. На контролната табла доминира тандемот 12-инчни екрани. Едниот е наменет за дигиталниот инструмент кластер, додека вториот е за инфозабавниот систем, а двата се сместени во една голема стаклена површина, налик на Mercedes. Ioniq 5 нуди и селектор за брзини поставен зад управувачот, како и head-up екран со поддршка за проширена реалност.

Ioniq 5

Великодушната пространост за нозете исто така е постигната со тоа што предните седишта се околу 30 проценти потенки од вообичаено. Од Hyundai истакнуваат дека „предните седишта се поставуваат до оптимален агол кој нуди бестежинско чувство за возачот и совозачот“, а најголемиот дел од ентериерот е направен од рециклирани материјали.

Ioniq 5

Багажниот капацитет се карактеризира со дури 531 литри, а може да се зголеми до 1.600 литри со поклопување на задната клупа. Со оглед на тоа дека е вистински електричен автомобил, а не само адаптација на платформа првично наменета за конвенционално возило, Ioniq 5 има и преден багажник. Капацитетот зависи од тоа дали моделот е со погон на две или сите четири тркала. Верзијата со погон на задните тркала има поголем, 57-литарски багажник, додека моделот со погон на сите четири тркала нуди 24 литри, пред се поради дополнителната простор потребен за предниот електромотор.

Четири верзии

Дополнителна карактеристика која вреди да се спомене е достапниот соларен покрив со што дополнително се унапредува ефикасноста со користење на сончевата енергија која се трансферира во батеријата за зголемување на опсегот на движење. Покривот самиот по себе го засилува чувството на уште поголем простор со користење на голем единечен стаклен панел без никаква потпора.

На купувачите ќе им биде дадена опција да бираат меѓу батерии со капацитет од 58 и 72,6 kWh. Базичниот модел има единечен електромотор поставен на задниот дел, додека помоќниот модел доаѓа со уште еден електромотор поставен напред и систем со погон на сите четири тркала. Без оглед на конфигурацијата, максималната брзина на автомобилот е 185 километри на час.

Со помалата батерија и единечен електромотор, Ioniq 5 нуди 168 КС моќност и 350 Nm вртежен момент. Ова му овозможува на автомобилот од нула до „стотка“ да забрза за 8,5 секунди. Опцијата со погон на четири тркала и помалата батерија нуди 161 КС и 350 Nm за задниот електромотор, додека предниот испорачува 71 КС и 255 Nm. Со оваа конфигурација спринтот до „стотка“ се достигнува за 6,1 секунда и нуди комбинирани 232 КС и 605 Nm.

Ioniq 5

Новиот електричен автомобил на Hyundai може да се нарача во конфигурација со поголема батерија и погон на задните тркала. Во тој случај, задниот електромотор испорачува 215 КС и 350 Nm вртежен момент за спринт до стотка од 7,4 секунди. Најмоќната и најбрза опција на Ioniq 5 е поголемата батерија и погон на сите четири тркала. Оваа поставка нуди 208 КС и 350 Nm од задниот електромотор, заедно со 94 КС и 255 Nm од предниот мотор, што овозможува забрзување за 5,2 секунди. Комбинираната моќност изнесува 302 КС и 605 Nm.

Ултра брзо полнење и иновативна функција

Кога станува збор за полнењето, батеријата може да се наполни од 10 до 80 проценти за само 18 минути благодарение на 800-волтните полначки способности со користење на 350-kW полнач. Само пет минути полнење се доволни за 100 километри опсег на движење според WLTP циклусот. Верзијата со погон на задни тркала во комбинација со поголемата батерија нуди автономија на движење од 480 километри според Hyundai, со оглед на тоа дека финалните бројки допрва треба да се потврдат.

Една од најинтересните карактеристики е можноста Ioniq 5 да служи како полнач за електрична опрема преку вградениот V2L (Vehicle 2 Load) функција. Може да понуди до 3,6 kW моќност преку приклучокот поставен на задните седишта, како и од приклучокот поставен на надворешната страна, а овој функционира дури и кога автомобилот е исклучен.

Електричниот автомобил на Hyundai ќе пристигне на пазарот нешто подоцна оваа година и ќе се нуди со девет бои на екстериерот, од кои пет се ексклузивни за овој модел. Ioniq 5 е првиот модел кој пристигнува од новоформираниот Ioniq подбренд на компанијата. Поставата ќе се прошири во 2022 година кога ќе пристигне Ioniq 6 како продукциска верзија на Prophecy концептот, додека поголемиот SUV наречен Ioniq 7 ќе пристигне кон почетокот на 2024 година.

Поврзани вести

Back to top button