Hyundai ја претстави целосно новата Elantra, под името Avante
Hyundai ја претстави новата генерација на моделот Avante, кој на овие простори е познат како Elantra и најави негово враќање во Европа

Hyundai официјално ја претстави осмата генерација на Avante на домашниот пазар во Јужна Кореја, модел кој на останатите пазари, вклучително и до пред некоја година во Европа, се продава под името Elantra. Новата генерација пристигнува шест години по претходната и носи целосно нов изглед, поголеми димензии, модернизирана кабина и унапредени бензински и хибридни погонски системи.
Според Hyundai, новата Elantra поставува нови стандарди во компактната класа благодарение на комбинацијата од дизајн, просторност, безбедност и напредни дигитални технологии.

Поостар дизајн и поголеми димензии
Новата Elantra е развиена според дизајнерската филозофија „Art of Steel“, која носи поатлетски изглед и поизразени линии на каросеријата. Предниот дел добива ултратенки LED дневни светла, додека главните светлосни групи се интегрирани пониско во браникот.
Страничниот профил е инспириран од поголемиот Hyundai Grandeur, а задниот дел се одликува со LED светла во форма на буквата „H“, нов спојлер и редизајниран браник. Купувачите ќе можат да избираат меѓу шест нови бои на каросеријата и три различни комбинации за ентериерот.
Новиот модел е долг 4.765 милиметри, широк 1.855 милиметри и висок 1.425 милиметри, со меѓуоскино растојание од 2.750 милиметри. Во споредба со претходната генерација, Elantra е подолга за 55 милиметри, поширока за 30 милиметри и има 30 милиметри подолго меѓуоскино растојание, што овозможува повеќе простор во кабината.

Нов ентериер со вештачка интелигенција
Внатрешноста е целосно редизајнирана и користи поквалитетни материјали и помеки форми инспирирани од модерен мебел.
Во центарот на кабината се наоѓа нов екран од 14,6 инчи, додека како алтернатива е достапен и екран од 12,9 инчи. Инфозабавниот систем работи со новата платформа Pleos Connect и интегрираниот AI асистент Gleo AI, кој овозможува природна комуникација со возачот.
Иако централниот екран е поставен слично како кај многу модерни електрични автомобили, Hyundai задржал физички копчиња и ротирачки контроли за најважните функции.
Меѓу дополнителната опрема се вклучени аудио систем Bang & Olufsen, вградена камера, два безжични полначи за мобилни телефони и USB приклучоци со моќност од 100W.

Подобрени безбедносни системи
Новата Elantra сериски добива 10 воздушни перничиња и голем број системи за асистенција при возење.
Меѓу нив се новата генерација Smart Cruise Control 2 со навигациска поддршка, Memory Reversing Assist, Remote Smart Parking Assist, систем за автоматско сопирање при избор на P режим и Pedal Misuse Safety Assist, кој спречува несакано забрзување.
Бензински и хибриден погон
На корејскиот пазар моделот ќе биде достапен со два погонски системи.
Основната верзија користи подобрен атмосферски 2,0-литарски бензински мотор со 147 коњски сили, што претставува зголемување од 26 коњски сили во однос на претходната генерација.
Хибридната изведба комбинира поефикасен 1,6-литарски бензински мотор, помоќен електромотор и поголема батерија, со вкупна моќност од 155 коњски сили.
Хибридот добива и нови технологии како Smart Regenerative Braking 3.0 и Hybrid Hierarchical Predictive Control System, кои автоматски ја оптимизираат потрошувачката според рутата на движење. Дополнително, функцијата Stay Mode овозможува климатизацијата и инфозабавниот систем да продолжат со работа додека возилото мирува.
Наскоро пристигнува и спортската Elantra N
Hyundai засега не објавува детали за спортската Elantra N, но според неофицијалните информации, таа би можела да добие нов 2,5-литарски турбо бензински мотор, поагресивен дизајн и дополнително унапредена шасија.
Продажбата на новата Avante започнува најпрво во Јужна Кореја, по што моделот постепено ќе пристигне и на останатите светски пазари како Hyundai Elantra. Според досегашните информации, се очекува моделот повторно да се врати и на европскиот пазар по неколкугодишно отсуство.











