Како одбивањето на Toyota го роди брендот Gazoo Racing

Како одбивањето на Toyota на Nürburgring доведе до создавање на Gazoo Racing – приказна за понижување, мотоспорт и раѓање на GR брендот

Денес Gazoo Racing, или скратено GR, е еден од најпрепознатливите перформанс брендови во автомобилската индустрија. Но, малкумина знаат дека неговите корени водат до момент на понижување, одбивање и трка во која името Toyota воопшто не смеело да се појави. Приказната започнува во 2007 година, кога актуелниот претседател на Toyota, Akio Toyoda, добива јасно „не“ од сопствената компанија.

Забрането да се трка под името Toyota

Во 2007 година, Akio Toyoda сака да учествува на легендарната 24-часовна трка на Nürburgring, но управниот одбор не дозволува настап под официјалното име Toyota. Трката не се сметала за корпоративна активност, а ризикот бил преголем за брендот кој во тоа време немал вистински спортски кредибилитет во Европа.

Затоа Toyoda настапува под псевдонимот „Morizo“, зад воланот на тркачки подготвена Toyota Altezza, модел познат во Европа како Lexus IS, заедно со својот ментор и легендарен тест-возач, Hiromu Naruse.

Името што настана од веб-страница за половни автомобили

Без дозвола да го користи името Toyota, тимот морал да се пријави под друго име. Изборот паднал на „Gazoo“, назив преземен од веб-страница за половни автомобили на Toyota, проект во кој Toyoda претходно бил директно вклучен. Така настана Team Gazoo – име што во тој момент звучело речиси несериозно за една од најтешките трки во светот.

И покрај сите ограничувања, автомобилот успеал да ја заврши целата 24-часовна трка, што само по себе било голем успех. Но резултатот оставил горчлив вкус.

Моментот на понижување што ја смени филозофијата на Toyota

Toyoda подоцна ќе признае дека чувството од Nürburgring било „длабоко понижувачко“. Toyota немала автомобил што можел рамноправно да се носи со европските спортски машини, од кои многу биле директно развивани на патеката за идни сериски модели.

Во официјалната верзија на приказната, Toyota дури наведува дека Toyoda си замислувал како ривалите му се потсмеваат со мислата: „Вие во Toyota никогаш не би можеле да направите ваков автомобил“. Тој момент станал пресвртница.

Lexus LFA – првиот вистински одговор

Првиот сериозен одговор пристигнува во 2010 година со Lexus LFA. Спортскиот модел со атмосферски V10 мотор бил целосно развиен во рамки на Toyota, што претставувало враќање кон вистинско спортско инженерство по речиси две децении.

Проектот бил исполнет со тешкотии и, како што самиот Toyoda признал, со недоволна поддршка од внатрешноста на компанијата. Трагедијата дополнително ја одбележала приказната – Hiromu Naruse загинува во сообраќајна несреќа во близина на Nürburgring, непосредно пред лансирањето на LFA.

Од страничен проект до официјална тркачка дивизија

По LFA, насоката веќе била јасна. Модели како GT 86 во 2012 година и GR Supra во 2019 покажаа дека Toyota повеќе не сака да биде само рационален производител. Иако развивани со партнери како Subaru и BMW, тие автомобили ја вратија емоцијата во брендот.

Во 2015 година, сите моторспорт активности беа обединети под едно име – Toyota Gazoo Racing. Она што започна како „off-the-books“ тркачки експеримент, конечно доби официјален статус, структура и поддршка.

GR денес: од хот-хеч до суперспортски автомобил

Денес, понудата на Gazoo Racing вклучува модели како GR Yaris и GR Corolla, спортски купеа како GR 86 и GR Supra, а наскоро и новиот GR GT – првиот модел што ќе се лансира како дел од целосно самостојниот GR бренд. Во подготовка е и враќањето на GR Celica, а гласините за нов GR MR2 стануваат сè погласни.

Toyota се повлекува – Gazoo Racing станува самостоен бренд

Најновата одлука ја заокружува целата приказна. Toyota официјално го отстрани своето име од Gazoo Racing амблемот, позиционирајќи го GR како самостоен бренд, рамо до рамо со Lexus, Daihatsu и Century.

Иронијата е очигледна – името што Toyota некогаш одбила да го носи на тркачка патека, денес е доволно силно да стои само. Gazoo Racing повеќе не е тајна, ниту спореден проект. Тоа е доказ дека понекогаш токму од одбивањето се раѓа најсилната трансформација.

Поврзани вести

Back to top button